Петмина пратеници од владејачката коалиција побараа од Пендаровски да не го потпише Указот за законот за дивоградби

Со ургентно писмо петмина пратеници од владејачката коалиција побараа од претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува Указот за новиот Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, донесен во вторникот.
Потпис на писмото ставија Моника Зајкова и Боби Мојсовски, пратеници на Либерал-демократската партија, Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ, како и пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
Антикорупциската комисија, пак, најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на одредбите на овој Закон.
Во, меѓувреме, не стивнуваат ни реакциите во јавноста околу ова контроверзно законско решение со кое ќе се овозможи легализација на сите дивоградби што ќе се подигнат до неговото објавување во Службен весник и стапување во сила, што значи и оние во заштитени подрачја, извори на вода, национални паркови и слично. Исклучок се само објектите за живеење, нивните доградби и надградби, како и градботе во заштитениот појас на Охрид.
За завршување на легализацијата нема рок, а предвидено е плаќање на редовните комуналии зголемени за 50 проценти.