јуни 23, 2021

Бугарите најавија „рампа“ и за Србија во Брисел: Нема пат до ЕУ со говор на омраза кон соседите

Србија мора да сфати дека „бољшевичките техники и манири“ не поминуваат во Европската унија и дека пристапувањето е можно, дури кога ќе се запре со јазикот на омраза кон другите – ова е пораката со која Ангел Џамбаски, бугарскиот европратеник од партијата на Красимир Каракачанов, се закани дека е можно Софија да го блокира полноправното членство на Србија во ЕУ, на сличен начин како што тоа го прави со Македонија.

Пратеникот на ВМРО-БНД изјави дека се обратил до Европската комисија, откако српскиот политиколог Драган Симеуновиќ пред неколку месеци ги обвини Бугарите за злосторства во минатото, за „одреди за силување“, насилна бугаризација и за територијални претензии кон Србија, употребувајќи го изразот „бугарски ѕверства“, на што официјална Софија реагираше со протестна нота до Белград.

„Поради сите овие недозволиви, грди и невистинити манипулации, се обратив до Европската комисија. Ја прашав ЕК дали таа ќе побара објаснување од Србија зошто се обидува да ја демонизира Бугарија“, вели Џамбаски.

Како одговор, Европската комисија соопшти дека „политичките лидери на Балканот треба да покажат пример на создавање атмосфера на заемна доверба, одржување на добрососедските односи, регионалната соработка, принципите и вредностите кои ги промовира ЕУ“.

Според Џамбаски, Србија во склад со Поглавјето 23 треба да ги почитува правата на националните малцинства.

„Ова поглавје предвидува Србија да преземе мерки насочени кон зголемувањето на нивото на толеранција меѓу граѓаните, меѓу другото и со помош на образованието и подигнувањето на свеста за тоа како треба да се борите против злосторствата од омраза и да се осигура дека таквите случаи ефикасно ќе се истражат“, се вели во одговорот од Европската комисија.

„Се надевам дека властите во Србија ќе размислат за ова и ќе ја променат својата политика кон Бугарија“, заклучува Џамбаски.

Европратеникот од ВМРО-БНД, кој ѝ е добро познат на македонската јавност по тврдите националистички ставови и негирањето на македонската нација, неодамна во предизборната кампања промовираше контроверзен спот во кој се тврдеше дека Македонија е бугарска. Македонското Министерство за надворешни работи упати протестна нота до Софија поради промотивниот спот на Џамбаски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •