септември 28, 2021

Фон дер Лајен ја потврдила поддршката за почеток на преговори со земјава, одвојувањето на Македонија и Албанија е во рацете на ЕС

Претседателката на Европската Комиисја, Урсула фон дер Лајен, на средбата со македонскиот премиер Зоран Заев потврдила дека поддржува формален почеток на преговорите со Република Македонија што поскоро и решавање на спорот со Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Зоран Заев утрово оствари средба со шефицата на европската извршна власт како и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во Брисел, каде престојува два дена во пресрет на јунските Совети на ЕУ на кои треба земјите членки на ЕУ да одлучат за одржување на првата Меѓувладина конференција, односно формалното отпочнување на преговорите, со Скопје и Тирана.

Македонскиот премиер за МИА изјави дека на Фон дер Лајен и повторил дека Република Македонија нема намера да прифати почеток на преговорите по цена на македонскиот идентитет и јазик.

Портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, за МИА попладнево порача дека на средбата Фон дер Лајен ја повторила нејзината поддршка за отпочнувањето на преговорите со Република Македонија, за кое ЕУ даде зелено светло пред повеќе од една година веќе, но кои не можат да се материјализираат поради ветото на Бугарија.

Претседателката и премиерот Заев отвориле низа теми од интерес за двете страни, рече Мамер.

-Таа ја потврди нејзината поддршка за отворањето на преговорите со Република Македонија и ги поздрави реформите во Република Македонија во рамките на процесот на зачленување и даде охрабрување тие да продолжат. Стана збор и за поддршката што ја дава ЕУ во напорите во борбата против Ковид-19 вклучително и дистрибуцијата на вакцини, рече Мамер.

Фон дер Лајен и Заев разговарале и за економските и инфраструктурни проекти кои Европската Комисија сака да ги поддржи во Република Македонија, како изградбата на железничка, гасоводот и проекти поврзани за зелената агенда на ЕУ за обновливи енергии.

На прашање дали Фон дер Лајен го поддржува ставот на евркомесарот за проширување Оливер Вархеји дека е можно одвојување на Албанија и Република Македонија, портпаролката за проширување, Ана Писонеро, дообјасни дека комесарот сака одржување на Меѓувладините конференции со двете земји, но дека со оглед на фактот дека конечната одлука е во рацете на земјите членки, Европската Комисија нема влијание.
Таа потсети дека и Албанија е поготвена за преговори.

-Еврокомесарот беше многу јасен дека двете земји исполнија тоа што се бара од нив и дека двете земји треба да одржат Меѓувладина конференција што е можно поскоро, но одговорноста за свикување на Меѓувладините конференции е кај претседателството на ЕУ во Советот, рече Писонеро.
Мамер додаде дека претседателката на Комисијата ги охрабрува Бугарија и Република Македонија да го решат спорот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •