ноември 30, 2021

9 МАЈ – Ден на Европа или Ден на победата над фашизмот

Европската унија ќе го одбележи Денот на Европа – 9 мај, што го слави мирот и единството на европскиот континент.

Како и минатата година, пандемичните мерки го сменија традиционалниот начин на одбележување на Денот на Европа во седиштето на ЕУ во Брисел.

Поранешната Отворена врата на институциите на ЕУ, кога граѓаните можеа да ги посетат сите места на политичко одлучување, кои обично ги гледаат само на вестите, оваа година ги замени виртуелните тури во Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

За време на „Европската недела“, со кулминација на 9 мај, беа организирани работилници преку интернет, разговори со претставници на ЕУ, интерактивни квизови и други активности за граѓаните со цел да се запознаат со политиките и системот на донесување одлуки во рамките на ЕУ, но и со цел подобро да ги запознаеме различните земји и региони што ја сочинуваат Унијата. Специфичноста на годинашното одбележување на Денот на Европа е организирање на првиот настан во рамките на Конференцијата за иднината на Европа.

Инаугуративната конференција, што треба да означи почеток на широка дебата за среднорочната и долгорочната иднина на ЕУ и реформите што треба да се преземат во нејзините политики и институции, ќе се одржи на 9 мај во ЕП, на која ќе учествуваат водечки претставници на ЕУ.

Намерата на Конференцијата е да ги вклучи граѓаните на ЕУ, особено младите, како и претставниците на институциите на ЕУ во дебатата во следните две години за насоката во која ќе се развива и движи ЕУ.

Постојат повици земјите-кандидати за членство во ЕУ да се вклучат во дебатата за визиите за иднината на заедничкиот дом.

Европската унија почна да го слави Денот на Европа во 1985 година, во знак на сеќавање на Декларацијата на Шуман од 1950 година, со која се предлага спојување на француската и западногерманската индустрија за јаглен и челик, што доведе до создавање на Европската заедница за јаглен и челик, прва Европска заедница, основана на 18 април 1951 година.

Одбележувањето на 9 мај како Ден на Европа се слави низ ЕУ од 2008 година, а од 2019 година, 9 мај стана официјален државен празник во Луксембург.

Од друга страна, Русија денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи.

Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.

Од над 50-те милиони жртви, 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.

На Далечниот исток, војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.

Централната манифестација во светот по повод победата над фашизмот традиционално се одржува во Москва на Црвениот плоштад со дефиле на припадници на различни родови на руската армија, како и ветерани од Втората светска војна.

Минатата година поради пандемијата на коронавирусот, беше одржана само воздухопловна парада на авиони и хеликоптери на небото над Москва.

Сподели
 
 
 
   more