октомври 22, 2021

Николовски: Законот за потекло на имот ќе ги опфати сите граѓани, не само функционерите

Работна група, со меѓународни и домашни експерти и претставници на сите релевантни институции, започнува со подготовка на Законот за потекло на имот, што за прв пат се воведува во нашата држава и со кој го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнат имот, вели вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, во интервју за „Капитал“. Тој посочува дека со поддршка на Советот на Европа веќе е подготвена студија за потребата од изработка на овој закон.

-За прв пат добиваме Закон за потекло на имот, со што ќе се овозможи да се испитува како одредено лице го стекнало имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни одданочени приходи. Законот ќе ги опфати не само избраните и именувани лица, туку и сите граѓани. Конкретно, секој треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, доколку тоа ги надминува редовните одданочени примања. Ќе се проверува и имотот на поранешните функционери, бидејки честопати избраните и именувани функционери имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име – вели Николовски.

Тој додава дека планира нова мерка со која се проширува опфатот на лица од администрацијата кои ќе имаат законска обврска да поднесуваат анкетни листови за имотна состојба и изјави за судир на интереси т.е сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва. Оваа мерка, како што истакнува, ќе важи и за службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •