Директорот на ДЗС: Секоја година сервисерот на противпожарните авиони ни бара поскапа цена, затоа не ги сервисираме

Сервисирањето на противпожарните авиони секоја година операторот го поскапува за 30 до 40 отсто, вели Бесим Максути, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Јавноста се заинтересира за функционалноста на хидроавионите, откако не беа употребени при гасењето на пожарот во нлизина на Галичник.
ДЗС поседува три противпожарни авиони, но тие не се во функција оти прво треба да се сервисираат, а тоа не е направено две години.
„Тие не се сервисираат во земјата, а би сакал да споделам дека уште пострашно е што во досегашната пракса се појавува само еден оператор кој од година во година ни ги зголемува побарувањата, кои се надвор од буџетските средства кои Дирекцијата ги има. Ние секоја година од операторот добиваме поголемо побарување за 30 до 40 отсто. Ни одат премногу средства, а не добиваме навреме сервисирани и готови авиони за гаснење пожар“, вели Максути за РСЕ.
Авионите до сега беа сервисирани во Шпанија, а понудата на годинешниот тендер е 400.000 евра за период од една година. Сервисирањето треба да се заврши за 60 дена по авион, а Максути вели дека во постапката има и жалба.
Владата на 68-та седница, одржана на 4 мај, донесе заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони.