јуни 21, 2021

(ВИДЕО) Мицкоски по средбата со Пендаровски: Не побаравме амнестија за „27 април“, туку правда преку ново судење

Покрај за „27 април“, Мицкоски рече дека разговарале и за актуелната политичка и економска состојба во државата, за корупцијата, за новиот клинички центар, за гасната централа заедно со Грција и, како што рече, се договориле да останат во контакт за сите крупни теми

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со претседателот Стево Пендаровски рече дека не барал амнестија за осудените за „27 април“ туку правда односно ново судење со нови докази кои според неговите информации, ги имале адвокатите.

„Она кое го барам јас и кажав на оваа средба, не е милост не е амнестија, туку е правда преку дополнителни докази кои ќе можат да ги достават до Врховен или до ЕСПЧ откако ќе ја добијат второстепената пресуда. Тоа е она што го бараме, истото тоа што го имаа како можност и тие кои беа обвинети и осудени во случајот ’Сопот‘ и во случајот ’Монструм‘. Во едниот имавме ослободителна пресуда, а во другиот имавме пресуда која беше потврдена. Тоа е суштината што јас ја барам, врз основа на овие докази да има судски процес во кој никако овие луѓе не можат да бидат обвинети и не постои основа да бидат обвинети за терористички напад на уставниот поредок на државата“,

рече Мицкоски.

Тоа, вели тој, би можело да се случи кога конечно тие ќе ги добијат правосилните одлуки од Апелацискиот суд во Скопје, за да можат да ги искористат вонредните правни лекови.

Мицкоски објсни дека осудените долг период не можат да ја добијат одлуката од Апелација за да ја продолжат постапката кон повисоките судски инстанци и ја обвини власта дека се меша во судството.

„Апелација донесе одлука во февруари, а денеска сме мај и тие сè уште ја немаат добиено таа одлука. Затоа апелирам до политичарите да ги тргнат рацете настрана од судството и политичарите. Ако политичарите, мислам на врвот на власта, ги тргнат рацете и престанат да дивеат, мислам дека најголем дел од обвинителите и судиите ќе обвинуваат и судиите согласно словото на законот и Уставот“,

рече Мицкоски.

Тој смета дека овие лица не смеат да се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а давајќи пример зошто не смеат, направи паралела помеѓу евентуален физички напад врз него и упадот во Собранието.

„Сакам да поставам дилема пред вас која ја поставив и пред претседателот, а тоа е терористичко загозузвање на уставниот поредок по непостапување. Што би значело тоа? Тоа би значело, на пример, вие да тргнете физички да се пресметувате со мене, јас да се бранам во рамките на моите можности, а овие господа тука од МВР или од Министерството за одбрана да не постапуваат и потоа да бидат обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување и осудени на 15 односно 18 години затвор. Такви случаи имаме, кои се терористи ама не постапиле како терористи“,

изјави Мицкоски.

На прашањето, пак, зошто денеска со претседателот на државата зборувале за судска пресуда, а вели дека политичарите не смеат да се мешаат во судски одлуки, Мицкоски одговори дека тие не разговарале за амнестија туку за правда бидејќи должност е на политичарите да се грижат за неа.

„Нема да бидам мирен ако видам и еден човек кој доживеан неправда поради политичко дивеење врз судски одлуки, никогаш нема да престанам да се побарам за безусловна правда за сите граѓани без разлика на етничката и политичката припадност и ќе зборувам со секого“,

рече Мицкоски.

Покрај за „27 април“, Мицкоски рече дека со Пендаровски разговарале и за актуелната политичка и економска состојба во државата, за корупцијата која според него е на растечко ниво, за стратешките приоритети, за ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу проектот за новиот клинички центар, инвестирањето во новата гасна централа заедно со Грција …

„Тоа беа генерално крупните теми за кои зборувавме. Се договоривме на крајот од овој состанок да продолжиме да комуницираме на крупни теми кои значат иднина и за Македонија како држава, но и за граѓаните на Македонија“,

рече Мицкоски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •