мај 16, 2021

Од денеска полициски час од 23.00 до 5.00

По препорака на Комисијата за заразни болести, поради стивнувањето на епидемијата во земјава, Владата донесе одлука наместо од 21.00 часот, полицискиот час од денеска да започнува од 23.00, а ќе трае до 5.00 часот.

На вчерашната седница Владата донесе одлука и за измена на работно време на угостителските објекти, односно од денеска тие ќе бидат отворени до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.

Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви SARS-CoV-2.

Се уште остануваат во сила сите останати рестрикции со цел заштита на граѓаните од пандемијата од ковид-19.

Од ЈСП соопштија дека од денеска јавниот превоз ќе сообраќа до 23.00 часот.

Ублажувањето на рестрикциите следува по неколкудневното стивнување на епидемијата. Намален е бројот на навозаболени, хоспитализирани и починати.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 26 април до 2 мај тестирани се вкупно 14.975 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,6 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.076 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 39,7 отсто во однос на минатата недела.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •