ноември 30, 2021

Заев: По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба ЕУ, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот

По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ? Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност, рече премиерот Зоран Заев во однос на спорот со Бугарија и европерспективата на земјава.

За пораките од ЕУ и САД, Заев смета дека тие ни се пријатели и стратешки партнери кои се тука да разработат креативи и идеи, да споделат со нас искуство и слично, но, нагласи – наша е одлуката и ние ја носиме.

Иако Бугарија повторно ќе оди на парламентарни избори, тој се надева дека, сепак, може да изнајдеме решение со привремената Влада која ќе ја постави претседателот Румен Радев.

– Затоа што очекуваме, секако, да бидат одговорни политичари со кои ќе можеме да седнеме и да изнаоѓаме решение. Проблемот е нерационален, и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Република Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации како што е ЕУ. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој аспект верувам дека ќе го изнајдеме решението, нагласи Заев.

Сподели
 
 
 
   more