Кинезите изгубија контрола над ракета, може да падне некаде на Земјата, не се знае каде

Кинезите изгубија контрола над голема ракета и се очекува делови да паднат назад на Земјата.
Станува збор за ракета лансирана од нивната лансирна рампа минатата недела. Делови од ракетата можат неконтролирано да паднат на Земјата, но не се знае каде, пренесува Гардијан.
Станува збор за парче ракета големо 30 метри. Некои експерти стравуваат дека остатоци може да паднат врз населена област.
„Ако се случи тоа, тоа не е добро“, вели Џонатан Мекдауел, астрофизичар во Центарот за астрофизика при универзитетот Харвард.
„Последен пат кога ја лансираа ракетата Лонг марч 5Б, тоа заврши така што долги метални шипки летаа на небото и оштетија неколку згради на Брегот на Слоновата Коска“, рече тој.
„Поголемиот дел изгоре во атмосферата, но некои големи делови паднаа на Земјата. Имаме среќа што никој не беше повреден тогаш“, додаде тој.
Минатиот вторник, остатокот од ракетата летал во орбитата околу Земјата со брзина од 27.600 километри на час. Остатокот бил на височина од 300 километри од Земјата. Таа висина по викендот паднала на 80 километри. Со оваа брзина на движење не е можно да се погоди каде остатоците ќе влезат во орбитата на Земјата. Најверојатно, остатоците ќе паднат некаде во море, бидејќи тоа чини околу 71 процент од Земјата.