мај 16, 2021

Оштените штедачи објавуваат шема по која се одвивал грабежот на Еуростандард, во кој учествувал сопругот на Павлина Црвенковска

Дали постои надеж за расчистување со криминалот и корупцијата во земја каде Павлина Црвенковска е претседател на Судскиот совет?

Оштетените штедачи на Еуростандард банка објавуваат шема по која се одвивал грабежот на Еуростандард банка, во кој учествувал сопругот на претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, Зоран Црвенковски.

Според нив, Црвенковски е дел од криминалната мрежа за грабеш на Еуростандард бакнка и еден од позначајните должници во банката. Освен што „позајмил“ и должи 1.600.000 евра, свесно ја однел неговата фирма должник Екопласт Рисајклинг во стечај. Од друга страна, обезбедувањето за кредитот со проценета вредност од 460.000 евра, сега е всушност амортизирана, стара опрема од фирмата, којашто е практично неупотреблива. Таа е сега „старо железо“ кое лежи под отворено небо и продолжува да се обезвреднува и чијашто моментална вредност е речиси четири пати помала од моментот кога била заложена, а заинтересираноста за купување на таквата опрема практично ја нема.

-Историјата на работењето на Зоран Црвенковски покажува и дека тој навистина добро се снаоѓа во ликвидација на фирми. Имено, во октомври 2012 година, Зоран Црвенковски ја ликвидирал и неговата претходна фирма Енерготрејд МТ доо од Скопје. Во оваа фирма, косопственик заедно со Зоран Црвенковски бил и Венко Петровски.

-Кој е пак Венко Петровски? Тој е косопственик и управител на фирмата Маријатреид од Велес, којашто сега се јавува како фирма должник кон Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма должи околу 325.000 евра и нема платено ниту една рата 377 дена. Како обезбедување на земениот кредит се води единствено обична меница. Во 2019 година, од тогаш кога се води долгот, според билансите, фирмата имала загуби од 1.400.000 евра, долгови над 4.000.000 евра и негативен капитал од 600.000 евра. Задолженост од 118 отсто! Во Управата за јавни приходи фирмата должи и околу 15.000 евра. Ова е само еден од примерите како се делени ненаплатливи кредити на фирми со големи долгови и загуби и со цел да никогаш не се вратат.

Тие се сомневаат дека Павлина Црвенковска е избрана за член на Судскиот совет и потоа, за кусо време, и за претседател, за да ги брани интересите на нејзиниот сопруг и слични измамници, меѓу кои и пријатели на Зоран Црвенковски.

-Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата во предметот што го отвори да испита што поседува Павлина Црвенковска и дали го прикрива имотот на нејзиното семејство, вклучително и 1.600.000 евра, коишто нејзиниот сопруг преку неговата фирма ги „позајмил“, но не ги вратил. Во нејзиниот јавно достапен анкетен лист (на линкот подолу) се води само станбен простор од 20 метри квадратни стекнат со наследство. Се сомневаме дека таа и нејзиниот сопруг го имаат препишано добар дел од имотот на нивни блиски лица. Во анкетниот лист има наведено личен имот, заедно со имотот на нејзиниот сопруг, во вкупна вредност од околу 65.000 евра, но без да го наведе и сопствеништвото на сопругот од 40 отсто удел во фирмата Екопласт Рисајклинг. Сегашната тековна состојба од Централниот регистар (Во прилог на маилов) покажува дека фирмата има активен стечај, каде Зоран Црвенковски е основач и косопственик. Дали со непријавување на овие податоци во анкетниот лист, Павлина Црвенковска имала намера да ја сокрие и трагата на украдените пари од нејзиниот сопруг од нас ограбените физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка?.Се прашуваме, освен ова дали има и нешто друго што Павлина Црвенковска случајно „заборавила“ да го пријави во анкетниот лист. Тоа ќе го оставиме на Државната комисија за спречување на корупцијата да детално го провери, испита и објави.

Оштетените штедачи бараат итна оставка од Павлина Црвенковска.

Останатото ќе го кажат судовите, преку транспарентен судски процес за нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски и слични сопственици на фирми должници кон Еуростандард банка, но без скриени интервенции и ургенции од Павлина Црвенковска. Од неа очекуваме да јавно одговори кога нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски ќе ги врати нашите украдени лични средства.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •