септември 28, 2021

Османи во дипломатска офанзива – јунските самити нова шанса за Македонија за старт на преговорите (видео)

Во пресрет на самитот на Европската унија што треба да се одржи во јуни министерот за надворешни работи Бујар Османи на средба со германскиот колега Хајко Мас во Берлин. Решавањето на спорот со Бугарија треба да биде билатерално прашање, смета Мас и додава дека во Мешовитата комисија не треба  да се вклучуваат надворешни експерти. Тој додаде дека Германија останува да се залага за Македонија што побрзо да најде решение и со тоа да ги почне преговорите.

„Нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа од страна на Република Македонија и Бугарија е посакувано. Централно останува дека овие прашања остануваат да се решат на билатерално ниво и самите експерти, историчарите мора да ги водат во рамки на своите комисии без притисок од надвор“, истакна Хајко Мас.

Покрај неуспехот од минатата година, Османи гледа нова шанса во јунските самити. Особено охрабрува фактот што Германија останува со својата проактивна улога со португалското претседателство во поддршка за евроинтеграциските процеси на земјава, рече Османи.

„Јунските самити на Европската унија нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор. Операционализација на одлуката за почеток на преговорите преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на Првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите“, истакна Бујар Османи.

И Османи и Мас сметаат дека Македонија и Албанија не треба да се раздвојуваат во преговарачкиот пакет и покрај тоа што нашата земја е закочена со спорот со Бугарија.

„За пристапниот процес за Република Македонија и Албанија да биде воден и понатаму заедно во пакет и сметам дека во сегашниот момент Германската сојузна влада многу се заложуваше за тоа за време на претседателството. Било какви други размислувања за разделување  се мислења кои ние не ги делиме“, порача Хајко Мас.

„Кога државите се движат заедно во процесот синергијата што се создава е поголема отколку збирот на поединечното движење на државите. Едноставно сметаме дека Република Албанија и Република Македонија ги имаат исполнето условите, треба да започнат преговори.

Не гледаме причина зошто би имало издвојување, особено кога Република Македонија ги има исполнето сите критериуми“, објасни Бујар Османи.

По денешната посета на Германија, Османи продолжува со дипломатската офанзива, со што од утре ќе ја посети и Данска а потоа и Шведска.

Извор: Тв 21

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •