јуни 21, 2021

Околу дигитализацијата на учебниците

Малку се утна дебатава за дигитализација на учебниците. Се нафрлаа многу непотребни работи во манџата наречена дигитализација. Да пробам да расчистам некои дилеми:

Најпрво мора да се ограничи дебата за што станува збор – само за дигитализација на учебници или дигитализација на настава? Јас на почеток ќе се задржам само на првово.

Дигитализација на учебници е одлична идеја, бидејќи со тоа се овозможува дигитална архива на целото знаење. Полесно е за пребарување, за чување, многу често и за учење. Детето во својот уред може да ја има буквално целата архива на книги од прво одделение до факултет. За такво нешто не се потребни лаптопи или интернет, туку само уред којшто може да прикажува .PDF, или .MOBI датотеки, а таков уред чини од 40€ па сè до 100€. Овие уреди користат технологија позната како дигитално масло (digital ink) и немаат никакво зрачење. Читањето на нив е исто како и хартиена книга (пр. Amazon Kindle).

Важно да се спомне е дека сите учебници и сега веќе постојат во дигитален формат, оти така се испраќаат на печатење. Значи никаков дополнителен напор околу оваа можност која веќе постои.

Идејата да се премине САМО на дигитални учебници засега ниту е потребна, ниту и е време. Напротив, потребно е да се печатат и книги за ученици кои не сакаат или не можат да користат уреди за читање дигитални книги. Но, бидете сигурни дека иднината оди натаму. Прво од аспект на зачувување околина (помалку книги, помалку исечени дрва), а од друга страна сè што е хартија почнува да станува едноставно непотребно. И полека иднината ќе го донесе овој тренд кога воопшто нема да се користи хартија, сакале ние или не. Тоа не се однесува само на учебници, туку буквално на сè. Од сметки при купување (веројатно секој ќе добива дигитална сметка преку NFC уред), до фактури, па сè до целосно исфрлање на хартијата од употреба од страна на државните органи.

Што е важно за Република Македонија? Да се подготви за иднината! Тоа во груби црти значи следново:

  1. Проширување на широкопојасниот интернет со поставување одредена цел – на пример, државата до 2035 година ќе обезбеди најмалку 500 мбит/сек брзина на интернет конекции до секој македонски дом. Тука мора да се направи целосен план, од земјена можност за поврзување, па сè до комбинација на 5Г, 6Г и овозможување неограничен интернет за секого.
  2. Како да се помогне на семејства кои нема да можат самите да си купат уреди за децата, лаптопи и сè друго што е потребно за целосна дигитализација.
  3. Целосна дигитализација на државните органи и максимално исфрлање на користењето хартија.
  4. Цели за приватниот сектор и неговата целосна дигитализација. Добро би било македонската држава да предничи пред приватниот сектор, за да даде поттик за целосна дигитализација.
  5. Македонија ќе мора да изгради објект за трајно архивирање на многу податоци. Овој објект е од круцијално значење за зачувување на дигиталната архива. Тој објект ќе мора да биде отпорен да издржи секакви природни непогоди, дури и нуклеарен напад.

Време е да се подготвиме за иднината што доаѓа без разлика дали ние сакаме или не.

Resistance is futile!

Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •