јули 24, 2021

УШТЕ НЕПОЧНАТО, ЗАПРЕ УРИВАЊЕТО НА ГАЛИЈАТА ВО ВАРДАР

На 5 април екипи од ЈП „Улици и патишта“ почнаа со отстранување на инвертарот од бродот.

Не се отстранува галијата во реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Неколку дена откако екипи на ЈП „Улици и патишта“ со асистенција на полиција почнаа со отстранување на инвентарот во бродот, акцијата е стопирана. Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека сопственикот поднел жалба и донесена е времена мерка за стопирање на извршувањето додека судот одговори на жалбата.

Град Скопје на 5 април почна со отстранување на галијата, а на прес-конференцијата која дента пред бродот ја одржа градоначалникот Петре Шилегов кажа дека се исполнети сите услови тој да се тргне од коритото на реката.

„Сопственикот неколку месеци не плаќаше кирија, со што се создаде можност да се раскине овој договорот. Нивната жалба беше одбиена од Апелациониот суд, исполнети се сите правни услови. Демонтажата ќе ја врши ЈП ‘Улици и патишта‘, а потоа фактурата ќе биде испратена на сопственикот. Градот нема да има никакви финансиски импликации“, кажа Шилегов на прес-коференцијата за уривање на бродот.

Сопственикот на галијата „Сидро“, кој е бугарски државјанин, смета дека незаконски се урива објектот во реката Вардар. Во негово име, кога почна уривањето управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски кажа дека немаат никакви долгови кон Градот.

„Урбаната опрема се урива без судско решение. Ние за време на пандемијата испративме допис до Градот, но не добивме одговор. Сега сите кирии се платени. Ова е инвестиција од 1.2 милиони евра на бугарски државјанин, не е добра порака која се испраќа до странските инвеститори“, рече Миленковски.

Локација за бродот „Сидро“ најпрво на јавното наддавање во Град Скопје беше купена од фирмата „Фаланга ДООЕЛ“ која ја доби и локацијата кај МЕПСО. Потоа газда стана фирмата „Интек Мак“, за на крај бродот да го добие „Севрис АД“ . Рокот на користење беше 10 години од почнување со работа, а месечната кирија 64.999 денари.

Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста кај Градскиот трговски центар. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

Во студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи се вели дека бродовите за третина ја намалиле проточноста на реката и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •