ноември 30, 2021

ЗАЕВ: ИЗВЕШТАЈОТ НА „ФРИДОМ ХАУС“ ПОТВРДА ЗА ВЛАДИНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ

Политиките на Владата во однос на унапредувањето на човековите права и слободи и демократскиот амбиент, во континуитет се препознавани од релевантни меѓународни организации.

Последна потврда за тоа е Извештајот на „Фридом Хаус“ кој нотира дека Република Македонија постигнала напредок во демократскиот резултат од 3,75 на 3,82, со подобрувања во областите на националното демократско управување и изборниот процес, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил.

Тој нагласува дека според „Фридом Хаус“ Република Македонија е единствена земја со демократски напредок во Западен Балкан.

– Напредокот на нашата држава е втор најдобар резултат во Европа, од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Во извештајот е нотирано и дека „Владата на премиерот Зоран Заев ги поправа институционалните штети нанесени од десничарските претходници и сѐ уште има шанси да донесе уште демократски придобивки“. Извештајот на „Фридом Хаус“, како и претходните извештаи на ГРЕКО и Стејт Департментот, се силни меѓународни признанија за одговорното, транспарентното работење на Владата, пишува Заев.

Овие меѓународни признанија, според премиерот, се потврда дека сме на вистинскиот пат, но, како што вели, се и дополнителен мотив за институциите за уште поголема демократизација на општеството, уште поголема транспарентност, како и позасилена борба против корупцијата, и ефикасно владеење на правото.

Сподели
 
 
 
   more