Охрид СОС: Ќе одговара ли некој за палењето на трската на брегот на Охридското Езеро?

И годинава пред почетокот на летната сезона се пали трската на брегот на Охридското Езеро. Всушност се отвора место за нова плажа, нов шанк, за ново крајбрежно ресторанче. Eкологистите секоја година предупредуваат дека се прави еколошки геноцид, надлежните најавуваат казни, а само во последниве десетина дена кај Струга се запалени хектари со езерска трска.
Кај месноста Калишко Поле кај Струга пред неколку дена изгоре речиси околу еден хектар езерска трска. Пожарникарите со три возила спречиле понатамошно ширење на пожарот. Сторителите се непознати, а штетата, велат екологистите, непроценлива – се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги разурнатите спалени гнезда.
Кривичниот законик за недозволена крајбрежна трансформација и уништување предвидува и затворска казна од три месеци до три години.
Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека веднаш по третото палење на трски годинава заедно со полицијата од Струга извршиле надзор на опожареното земјиште на потегот од плажите Версус, Аквариус и ресторанот Аполонија, во насока кон селото Калишта. „Опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, со должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри. Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека – дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште. По надзорот инспекторите на Одделението за внатрешни работи ќе спроведат истрага до откривање на сторителот, против кого ќе се поднесе кривична пријава“.
Еве ја реакцијата и на eкологистите од Охрид СОС: „Дали сега треба да чекаме пет месеци, како со депонирањето земја и шут кај Далјан за да се најде и казни сторителот, или и ова ќе помине како и сè друго во државата – секое чудо за три дена? Попусти се апелите и реакциите ако институциите молчат или некого толерираат со децении. Свесни сте дека делот на струшкото крајбрежје е оставен на милост и немилост. Дали се трупа градежен шут и земја за да се прошири брегот, дали се пали трска, се депонира градежен отпад, се гради на самиот брег, се узурпира. Повеќе од доволно докази ви се предочени, претставки, пријави. Уништувањето на природното наследство никако да престане“.