септември 23, 2021

Мицкоски сака да ја расцепка пратеничката група, Џафери не дозволува, а СДСМ стравува од нов „крвав четврток“

Џафери е единствениот кој може да го толкува Деловникот и тој може да им рече на опозициските пратеници дека имаат легитимно право да ја расцепкаат пратеничката група на повеќе пратенички групи, но најпрво да се изјаснат кои интереси ќе ги бранат новите пратенички групи, истакна поранешниот собраниски спикер Тито Петковски.

Не постои законска можност за формирање повеќе пратенички групи во Собранието, истакна собранискиот спикер Талат Џафери, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека неговата партија размислува за расцепкување на сегашната една пратеничка група, поради, како што рече, дивеењето на претседателот на законодавниот дом, откако не им беше дозволено на опозициските пратеници да дебатираат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Не постои деловничка можност. Владееше друга клима тогаш кога СДСМ имаше повеќе пратенички групи. Тоа беше период што е веќе зад нас и сега не би требало да се враќаме во тие правци – рече Џафери.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, за Плусинфо објаснува дека единствениот кој може да го толкува Деловникот е Џафери, па тоа му дава за право да покаже или да не покаже зелено светло за формирање повеќе пратенички групи од страна на една политичка партија.

ВМРО-ДПМНЕ има само една пратеничка група со еден координатор и како таква е пријавена во Собранието. Претпоставувам дека токму тоа е столбот на кој се потпира Џафери кога вели дека партијата на Мицкоски не може да формира повеќе пратенички групи.

– Јасна е целта за формирање пратенички групи и тоа е легитимен интерес. На тој начин пратениците од овие пратенички групи ќе имаат повеќе процедурални можности, ќе поставуваат повеќе прашања, ќе бараат паузи и ќе имаат свои координатори. Но, тие пратенички групи претставуваат еден партиски интерес. Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ има само една пратеничка група со еден координатор и како таква е пријавена во Собранието. Претпоставувам дека токму тоа е столбот на кој се потпира Џафери кога вели дека партијата на Мицкоски не може да формира повеќе пратенички групи. Џафери е единствениот кој може да го толкува Деловникот и тој може да им рече дека имаат легитимно право да ја расцепкаат пратеничката група на повеќе пратенички групи, но најпрво да се изјаснат кои интереси ќе ги бранат новите пратенички групи. Секако, тоа може да има и негативен ефект врз ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во јавноста ќе се појават шпекулации дека Мицкоски наводно не може да ги контролира своите пратеници – истакна Петковски.

Мицкоски вчера јасно посочи дека неговата партија сериозно размислува да формира неколку пратенички групи, наместо да делува во една пратеничка група составена од 44 пратеници.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на ваквото однесување на Џафери со сите демократски алатки што ни стојат на располагање. Исто така, доколку ова продолжи, сериозно размислуваме за повеќе пратенички групи во парламентот и негово целосно блокирање. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите можности за да го спречи ова негово дивеење во Собранието под менторство на Зоран Заев – рече Мицкоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата за интерпелацијата на министерот Спасовски поднесена од Алијанса на Албанците и Алтернатива, откако спикерот Џафери објави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ немаат право на збор, бидејќи списокот за говорници од нивните редови го доставиле по предвидениот рок.

Од СДСМ, пак, стравуваат дека со најавата за формирање повеќе пратенички групи, ВМРО-ДПМНЕ подготвува ново сценарио како „крвавиот четврток“.

– Најавата за формирање повеќе пратенички групи е навестување за нешто слично како на 27 април 2017. Особено по учеството на ВМРО-ДПМНЕ на протестот за одбрана на осудените за насилствата во Собранието на 27 април, стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не е излезена од режимската матрица што ја воспостави Никола Груевски – рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

На почетокот на претходниот собраниски состав, ВМРО-ДПМНЕ се обиде да функционира со 10 пратенички групи, но таквиот потег не вроди со плод. Откако Мицкоски го презеде партиското кормило, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно се собраа во една пратеничка група.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •