ноември 27, 2021

Лавров: Односите меѓу Русија и САД се полоши отколку за време на Студената војна

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека односите меѓу Русија и САД сега се полоши отколку за време на Студената војна поради недостиг на меѓусебно почитување.

Лавров рече дека Москва е подготвена да ги нормализира односите со Вашингтон, но дека САД треба да престанат да се однесуваат како „суверен“ додека ги собираат своите сојузници против Русија и Кина, јави Радио Слободна Европа.

– Доколку САД го отфрлат дијалогот со меѓусебно почитување засновано на рамнотежа на интереси, „ќе живееме во услови на Студена војна или уште полошо, изјави Лавров за руската државна телевизија.

Тој рече дека за време на Студената војна, тензиите биле големи и дека често се појавувале ризични ситуации, но дека тогаш постоело меѓусебно почитување и дека му се чини дека „сега има дефицит од тоа“.

Рускиот министер за надворешни работи изјави дека Москва има позитивен став во врска со предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за одржување средба со рускиот претседател Владимир Путин, но додаде дека Русија допрва треба да ги анализира сите аспекти на иницијативата.

Тој рече дека следниот месец ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Арктикот во Исланд и дека е подготвен да се сретне со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, доколку тој се приклучи на собирот.

Сподели
 
 
 
   more