јуни 22, 2021

Владата не очекувала рамковните да бидат инспектори, тие биле гратис кадар

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски кој е пред разрешување тврди дека не му требаат 35 административци кои нема да работат туку му требаат инспектори за работа на терен.

Нема информација дели вицепремиерот Љупчо Николовски ја почнал постапката за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој отворено одби да прифати во неговата институција да бидат прераспределени 35 „рамковни административци“, но од Владата информираат дека до кабинетите на премиерот Зоран Заев и вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби, не е пристигнато барање ниту петиција од вработени во Државниот пазарен инспекторат.

Инспекторите во Државниот пазарен инспекторат застанаа во одбрана на својот шеф и бараат да се повлече барањето за негово разрешување. По најавите на премиерот Зоран Заев дека пркос не е дозволен и дека ќе биде побарано разрешување на Пауновски, инспекторите побараа средба со него но беа одбиени. Најавено е дека и денеска ќе се обидат да се сретнат со премиерот.

Владата, тврдат оттаму, не очекувала ниту пак барала распределените лица вработени по рамковен во Државниот пазарен инспектортат да бидат инспектори, туку да бидат распределени како административци, а за зајакнување на капацитетите е одобрено барањето за прием на 15 инспектори.

– Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок. Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри – велат од Владата.

Според Владата, планот за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, се реализира во 237 државни институции и ниту една од нив не одбила да го спроведе освен директорот на Државниот пазарен инспекторат.

– Досега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе – појаснуваат од Владата.

Според планот, институциите кај кои се распределуваат вработените по рамковен кои досега земаа плата а не работеа, треба да ги усогласат и систематизациите на работните места.

Пауновски, веќе некое време, се обидува јавно да докаже дека во институцијата се потребни кадри кои ќе бидат инспектори, а образовната структура на луѓето кои му се доделени со Планот К-5 не одговара на потребите, бидејќи нема потреба од административци туку од инспектори.

– Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација – изјави Пауновски.

Тоа од премиерот Зоран Заев беше протолкувано како директно спротивставување на владините одлуки и пркос од службеник кој е поставен од Владата за што тој побара и негово разрешување од функцијата.

Моментално 41 отсто од вработените во Инспекторатот се Албанци. Инспекторатот брои 247 вработени од кои 178 се инспектори.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •