октомври 22, 2021

Светска банка: Македонија и оваа година нема да излезе од економската криза

Македонската економија закрепнува со многу побавно темпо од првичните очекувања. Светска банка во најнoвиот извештај проектира економијата во земјава да закрепне и да се врати на нивото како пред пандемијата на почетокот на 2022 година. Главниот фокус на Владата треба да биде вакцинацијата на населението и внимателно трошење на буџетските пари.

„Оваа година очекуваме раст од 3,6 насто што значи дека оваа година нема да се вратиме на нивото како пред пандемијата, меѓутоа на почетокот на следната година тоа може да се очекува. Поддршката на домаќинствата и компаниите треба да продолжи, но да се прави на понасочен начин бидејќи закрепнувањето е започнато и е потребно постепено излегување на секторите од закрепнувањето“, Сања Маџаревиќ Шујстер-Виша економистка при Светска банка.

Јавниот долг кој достигна 60 отсто од БДП е на историски највисоко ниво, а проекцијата на Светска банка е дека тој и натаму ќе се зголемува, но со побавно темпо во однос на лани. На долгорочен план, Владата треба да вложува во дигитализацијата, човечкиот капитал, креирање на нови работни места, владеење на правото и силни институции.

„Треба да се размислува за приоритетни инвестиции што ќе и овозможат на земјата да премине кон потпорна патека на развој. Треба да биде во интерес во насока на климатските промени и користење на можностите на зелена економија за создавање на нови работни места, поодржливи работни места. Мислам дека тие ќе бидат приоритетите кои треба да се земат во предвид“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Република Македонија.

Според извештајот на Светска банка од шесте земји на Западен Балкан најдобро рангирана е Србија која веќе се вратила на нивото пред пандемијата додека најлошо рангирана е Црна Гора. За време на пандемијата во овој регион околу 139 илјади работни места се изгубени додека од 165 до 360 илјади луѓе живеат во сиромаштија. За оваа година економскиот раст на шесте земји според проекцијата се очекува да биде 4,4 насто.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •