септември 17, 2021

Кацарска: Не гледам никаква потреба судењето за „27 април“ да се врати од почеток

Доколку јавноста ги гледаше сите тие снимки како се тепаат пратеници и надвор од прес центарот со клоци тупаници противпожарен апарат сигурно нема да има коментари дека станува збор за драконски казни – вели Кацарска.

Судијката Добрила Кацарска која во првостепена постапка досуди 211 години затвор за обвинетите во случајот за собранискиот упад на 27-ми април не гледа ниту причина, ниту потреба за повторување на процесот, откако тоа беше побарано во неделата на протестот наречен „Слобода за Уставобранителите“.

Таа во изјава за Канал 5 ги демантира обвинувањата дека пресудите биле политички мотивирани и вели дека не е точно тврдењето дека судската одлука била донесена само врз основа на еден измислен сведок, туку во текот на судењето биле сослушани голем број на сведоци, прегледани повеќе снимки и други докази предложени од обвинителството и одбраната.

– Жално е што секој еден граѓанин се впушта во оценка на висината на казните, иако пред себе ги нема доказите. Не може да стане збор за драконски казни ако се работи за конкретното кривично дело каде што е запретена најниска казна од 10 години затвор. Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите оние снимки што ние ги гледавме во судница. Доколку јавноста ги гледаше сите тие снимки како се тепаат пратеници и надвор од прес центарот со клоци тупаници противпожарен апарат сигурно нема да има коментари дека станува збор за драконски казни – вели Кацарска.

Судијката Кацарска, но и обвинителката Вилма Русковска , која го застапуваше обвинението сметаат дека со барањата за укинување на пресудите политиката директно влијае врз судството. Русковска во изјава за Канал 5 вели дека законскиот текст на делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ врз кое беа донесени и пресудите одговарало на кривичните дела кои ги направиле сега осудените.

– Не е работа на политичарите да бараат укинување и враќање на повторно судење на било кој предмет вклучувајќи го и овој, јас лично тоа го сметам за директен притисок на политиката врз работата на судовите – вели Русковска.

Со обвиниението првично беа опфатени 33 лица, но по амнестијата, пресуди имаше за половина од нив…

.Во февруари годинава Апелација ја намали казната за дел од осудените, од вкупно 211, на 188 години затвор. Од одбраната на осудените најавуваат дека откако ќе ги добијат одлуките написмено ќе поднесат вонреден правен лек пред Врховниот суд.

Највисока казна затвор доби екс директорт на БЈБ Митко Чавков, првично 18 години, а подоцна намалена на 16 години. Над 10 години добија и неколутемина полициски началници, како и водачите на патриотски здруженија.. Најмали казни добија клучниот сведок Александар Василевски Нинџа чија казна беше намалена од 8 на 7 години затвор и обезбедувачот во Собрание Абдуљфета Алими кој доби 6 години..

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •