јули 27, 2021

Заев на средба со инспекторите од ДПИ пред одлуката за разрешување на Пауновски

Премиерот Зоран Заев денеска треба да има средба со инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во врска со нивната петиција против разрешувањето на директорот на ДПИ Стојко Пауновски.

Средбата, како што најави Заев, ќе биде пред одржувањето на седницата на Владата на која ќе се одлучува за разрешување на Пауновски, откако тој не ја спроведе владината одлука за ангажирање вработени според К 5 програмата, согласно со Рамковниот договор, а кои треба да бидат распоредени на работни позиции.

Според Заев, Пауновски бил писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска за преземање на дел од нераспоредените административни службеници. Вели дека нема никакви предрасуди во постапувањето и оти ќе ги слушнат сите аргументи, вклучително и на вработените во ДПИ.

Се работи за добар јавен службеник, рече Заев, но нагласи дека нема да дозволи инаетење со претпоставени и неспроведување на законите.

– Сите институции имаа целосен и детален увид во планот за распределба кој содржи податоци за сите вработени кои треба да бидат преземени и распоредени, податоци за нивото на работното место, на тековното вработување, податоци за стекнатото образование, како и називот на институцијата во која се презема вработениот. Според планот, ДПИ треба да преземе 32 вработени од кои 29 на работно место помлад соработник и тројца на работно место помлад референт, изјави Заев, посочувајќи дека преземањето на вработените нема финансиски импликации врз буџетот од причини што станува збор за вработени за кои веќе се обезбедени финансиски средства.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •