јули 24, 2021

Андријана Јаневска: Јас сум на браникот на татковината!

Иако неколку седмици назад беше најавувано дека македонската химна за време на завчерашниот протест во Скопје ќе ја изведе оперскиот певец Игор Дурловски, како изненадување за јавноста покрај него се појави и пејачката и виолинистка Андријана Јаневска. Тие заедно ја изведоа химната, а Јаневска за „Фокус” вели дека се решила да запее на протестот откако ја контактирале организаторите на истиот.

-Беше договорено да отпеам неколку патриотски песни, а за химната не оставија да се договориме со Игор. Пред настапот имавме една проба, се договоривме кој што ќе пее, и тоа беше тоа. Инаку, си носев свој микрофон, носев две маски (кн95 и хируршка) и максимално се придржував до мерките за заштита од вирусот – појаснува Андријана.

На прашањето дали настапила за да даде поддршка на протестот или пак станувало збор за платен ангажман, таа вели дека настапила без надомест. Околу поделените ставови на јавноста за протестот на кој се бараше ослободување на осудените за нападот на Собранието од 27-ми април 2017 година, Јаневска вели дека не стравува поради тоа што нејзиниот настап на протестот би можел да се одрази негативно кај нејзините слушатели, кои не го поддржуваат истиот.

-Не гледам зошто би се одразил негативно мојот настап. Секогаш сум била и ќе бидам на браникот на татковината онака како што можам и умеам – раскажува пејачката, која во 2019 година заедно со Дурловски, во пресрет на Денот на независноста на Македонија, Осми Септември, направија препев на легендарната песна на Пепи Бафтировски „Заветна”.

Дурловски во 2017 година беше еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“, и доби ослободителна пресуда за насилствата за време на нападот на Собранието. Ова не беше прв настап на Јаневска на протест. Како потсетување, во 2016 година таа ја пееше македонската химна на протестот на ГДОМ, и тогаш ни изјави дека и е чест да ја изведе нашата химна, и како во минатото пеела за сите партии.

За време на претседателската изборна кампања во 2019 година, таа и нејзините колеги Наум Петрески и Миле Кузмановски ја забавуваа публиката на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Според финансискиот извештај од партијата, пејачите тогаш добиле по 2.000 евра.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •