јуни 21, 2021

Пожар во болница во Багдад: 82 лица загинаа, претежно ковид пациенти

Најмалку 82 лица загинаа, а 110 се повредени во пожар што рано утрово зафати болница во Багдад, соопшти ирачкото Министерство за внатрешни работи.

Пожарот во болницата Ибн Катиб во областа на мостот Дијала во ирачката престолнина е предизвикан од експлозија на резервоар со кислород, објави претходно Ројтерс.

Голем број на смртни случаи се од одделот за пулмонална реанимација во болницата за ковид-19, соопшти Високиот ирачки комитет за човекови права (ИХЦХР).

Комитетот го осуди овој настан и ја нарече трагедијата злосторство, пренесува агенцијата Дпа.

„Ова е злосторство против пациентите кои беа згрижени во болницата по зараза со ковид-19 и кои им го препуштија животот на министерството за здравство и неговите институции“, се вели во соопштението.

„Наместо да се излечени, тие изгореа“, се додава во него.

Шефот на ирачката единица за цивилна одбрана претходно изјави дека пожарот избувнал во единицата за пулмонална интензивна нега и дека 90 лица од 120 биле спасени од болницата, објави државната новинска агенција ИНА.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •