ноември 30, 2021

Турција реагираше на потегот на Бајден, се јави и Ердоган: „Гледајте го своето минато“

САД треба да го погледнат сопственото минато и сегашност, им одговори Турција на Соединетите Држави, кои во саботата официјално го оценија турскиот масакр врз Ерменците во 1915 година за геноцид, што Турција го нарекува политички опортунизам и популизам.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американскиот народ ги почитува сите Ерменци кои загинаа во геноцидот пред 106 години, отстапувајќи од децениската традиција во која Вашингтон внимателно избира изрази за масакрот за да не ја навреди официјална Анкара.

„Ние силно ги осудуваме и отфрламе изјавите на американскиот претседател кои само ги повторуваат обвинувањата на оние чија единствена агенда им е непријателство кон нашата земја“, напиша на Твитер портпаролот на турското претседателство Ибрахим Калин.

„Го советуваме американскиот претседател да погледне во минатото и сегашноста на сопствената земја“, додаде Калин.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган го осуди мешањето во внатрешните работи на Турција.

„Никому не му користи тоа што дебатите, со кои треба да се занимаваат историчарите, ги политизираат трети страни користејќи ги како инструмент за мешање во нашата земја“, рече Ердоган во пораката до ерменскиот патријарх во Истанбул.

Министерството за надворешни работи на Турција објави дека одлуката на САД не се заснова на правна основа и дека ќе „отвори длабока рана“ во билатералните односи.

„Оваа изјава на САД, која ги искривува историските факти, никогаш нема да биде прифатена во совеста на турскиот народ и ќе отвори длабока рана што ќе им наштети на меѓусебната доверба и пријателство“, наведе министерството.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу реагираше само неколку минути по објавата на Белата куќа.

„Зборовите не можат да ја менуваат или повторно да ја напишат историјата. Од никого и од ништо нема да учиме за своето сопствено минато. Политичкиот опортунизам е најголемо предавство на мирот и правдата“, истакна Чавушоглу, додавајќи дека целосно ја отфрла изјавата заснована само на популизам.

Сподели
 
 
 
   more