јуни 20, 2021

Ригорозни мерки во Германија: Воведен е полициски час, во продавници само со негативен тест

Во Германија, синоќа на полноќ стапија на сила измените во законот за заштита од зараза, кои овозможуваат автоматско воведување на построги мерки во борбата против ковид-19, вклучително и забрана за движење помеѓу 22 и 5 часот, и тоа во градовите и општините со седумдневна инциденца повисока од 100 новозаразени на 100.000 жители.

Пред стапувањето во сила на измените на законот, германската влада апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките, особено оние во врска со намалувањето на контактите што вклучува и забрана за движење во периодот од 22 до 5 часот.

„Знам дека е тешко, тешко е за секој од нас, но тоа е неопходно за еден преоден период“, рече во петокот министерот за здравство Јенс Шпан.

Особено контроверзна е мерката за забрана за ноќно движење, против која се поднесени бројни тужби пред Уставниот суд во Карлсруе.

Во мерките усвоени по брза постапка во средата и четвртокот од долниот и горниот дом на парламентот, Бундестаг и Бундесрат, покрај забраната за ноќно движење спаѓаат и мерките за намалување на контактите кои овозможуваат средба на едно домаќинство со само уште едно друго лице од друго домаќинство.

Малопродажните, со исклучок на продавниците за храна и секојдневни потреби, аптеките, смеат да примаат само купувачи со негативен тест на коронавирус и со претходно закажување.

Над седумдневна инциденца од 165 во целост се преминува на настава преку интернет во училиштата.

Од 22 до 5 часот е забрането движење, со исклучок на трчање или пешачење за поединци, што е дозволено до полноќ. Од полноќ до 5 часот наутро, само на луѓето со многу силна причина, како што се одење на работа или лекар, им е дозволено да излегуваат на улица.

Според министерството за внатрешни работи, забраната за движење важи и за патувања. Деловните патувања се исклучок.

Сите овие мерки автоматски стапуваат на сила во оние градови и општини каде што седумдневната инциденца е над вредноста 100 за три дена по ред.

Според податоците на државниот епидемиолошки институт Роберт Кох во саботата ова се однесува на 345 од 412 области во Германија.

Понатаму, мерките воведени на почетокот на ноември минатата година, кои се однесуваат на забраната за работа на културни, спортски и угостителски објекти, остануваат во сила.

Законските измени што придонесуваат за унифициран пристап на подрачјето на целата земја се воведени откако сојузните и покраинските власти не успеале да постигнат договор за унифицирана примена на мерките во борбата против ширењето на коронавирусот.

Сега централните власти можат сами да воведуваат мерки, што досега беше одговорност на сојузните покраини.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •