септември 16, 2021

Првиот човек на пазарната инспекција не ги прифаќа сите 35 „рамковно вработени“

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 „рамковно вработени“, кои на инспекторатот му ги додели Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како дел од К-5 програмата, со која овие вработени кои со години земаа плата, а не одеа на работа, беа распределени по државни институции и по општини.

Како што е познато, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е предводено од првиот вицепремиер од редовите на ДУИ Артан Груби, кој всушност го „истурка“ законот за прераспределба на овие „рамковно ваботени“. Тој очекува дека низ разговор со Пауновски, овие 35 административци треба да бидат прифатени во Државниот пазарен инспекторат.

Но, Пауновски нема да отстапи од својот став. 

„Јас испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив. Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, и нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување“, дециден е Пауновски во изјавата за Фактор.

Додава дека Владата доколку сака, може да го разреши на секоја наредна седница, но нема да оди против своите убедувања и со еден ппотпис да уништи нешто што се трудел да го поправи цели три години.

Тој објаснува дека во 2018 година во Пазарниот инспекторат наследил дури 305 вработени, а сега нивниот број е 247. И не само тоа, туку е многу подобрена и структурата на вработените, во смисла дека сега има многу повеќе инспектиори, на сметка на административните работници.

„Претходно, од 305 вработени, само 97 беа инспектори кои одат на терен, а сега од 247 вработени, дури 178 од вработените се инспектори, што значи дека е многу подобрена структурата, односно дури две третини се инспектори кои одат на терен, а една третина се административните работници кои се неопходни за функционирање на институцијата“, вели Пауновски.

Инаку, од тие 305 вработени колку што биле во 2018 година, дел си заминале со редовно пензионирање, дел биле отпуштени затоа што им биле откриени неправилности во работењето, а дел се преместиле во некои други институции.

„Толку се зборува за таа реформа на јавната администрација, односно за намалување на бројот на вработени и подобрување на квалитетот на структурата на тие работни места, и кога ние успеавме тоа да го направиме, сега некој не принудува без никаква потреба да го зголемиме бројот на вработени за 15 отсто“, објаснува Пауновски.

Во писмото тој на премиерот и на вицепремиерот им напишал дека многу поголема потреба од инспектори има во Источна Македонија, односно во Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш, Штип, Кочани, Делчево, Берево, Свети Николе. Но, овие вработени кои се бара да се примат во ДПИ сакаат да бидат прераспределени во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид…, каде нама потреба од работна сила, особено не за административни работници.

„Еве дури и да сакаме да одиме на таа национална карта, факт е дека во Државниот пазарен инспекторат, и без тие 35 вработени, процентот на вработени Албанци е дури 40 отсто, што значи дека имаме дури и повеќе од потребниот процент за избалансираност, а сега со овие 35 вработени, тој процент уште повеќе ќе се зголеми. Затоа, од Министерството за политички систем треба тие граѓани да ги насочат за вработување во некоја институција која не го исполнува процентот од 20 отсто, односно има, на пример, само 10 проценти, а не во Државниот пазарен инспекторат“, објаснува Пауновски, додавајќи дека во Одделението на ДПИ во Тетово, на пример, од 48 вработени, само двајца се Македонци, а би тгребало да се бара тој процент да дојде до 30 отсто.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •