ноември 29, 2021

Што се крие позади повторното одлучување на Уставниот суд по иницијативата за оценување на уставноста на членови од Законот за банки

Од Министерството за финансии ставаат до знаење дека иницијативата за која утре треба да се изјаснат уставните судии е од исклучителна важност за целиот финаниски сектор во државата: „Предноста на Фондот за осигурување на депозити во наплатата на побарувањата е во јавен интерес, бидејќи на тој начин се одржува стабилноста на банкарскиот систем и се обезбедува социјална сигурност на граѓаните“.

Уставниот суд, пред само два месеца, со тесно мнозинство одлучи да не поведе постапка по иницијатива за истата одредба од Законот за банки. Променетиот став на еден судија навестува дека Уставен може да одлучи спротивно од својата одлука од пред два месеца.

Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплатата на побарувањата од пропадната банка затоа што, посредно, со него се одржува стабилноста на банкарскиот систем. Ова е само една од јасните и директни пораки што може да се изведат од ставот на Министерството за финансии во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд, на чиј дневен ред е иницијатива за оценување на членот 163, став 3, од Законот за банки.

Иницијативата потекнува од дел од оштетените штедачи на Еуростандард Банка и со неа се спори законската одредба која вели дека Фондот за осигурување на депозити има предност прв да ги наплати побарувањата од пропаднатата банка. Според домашните закони, Фондот наплатува прв затоа што потоа веднаш ги обесштетува сите штедни влогови до 30 000 евра. Иницијаторите на претставката до Уставен сметаат дека тоа не е фер за тие што имале повеќе од 30 000 евра во пропаднатата банка и за фирмите.

Целата приказна е „случај за себе“ затоа што пред само два месеца Уставниот суд веќе одлучи да не отвора постапка по друга иницијатива на оштетени штедачи која го спори истиот член. Сега, се чини, нешто се сменило.https://360stepeni.mk/ke-se-sprotistavi-li-ustaven-na-svoeto-mislene/embed/#?secret=PPgX4z6EJI

Законот стана проблем по 14 години на сила

Независно од правните толкувања, она што ќе остане по одлуката на уставните судии, каква и да биде таа, се последиците врз граѓаните. Односно, дали таа одлука некому ќе донесе правда или неправда.

Актуелното законско решение го објаснија од Министерството за финансии (МФ). Фондот е фомиран, велат од МФ, за граѓаните да имаат доверба во штедењето.

„Фондот за осигурување на депозити (ФОД) е специјализирана финансиска институција, основана со Законот за фондот за осигурување на депозити, која ги обештетува осигурените депозити во банките и штедилниците во кои настанал ризичен настан. ФОД, како специјализирана финансиска институција, не врши трговска дејност и не работи за профит, па оттука има и различен статус спореден со останатите правни субјекти. Улогата на ФОД е да ја одржи довербата на граѓаните во домашниот финансиски систем, бидејќи депозитите на домаќинствата претставуваат сигурен и најевтин начин за финансирање на домашната економија“,

објаснуваат од Министерството за финансии.

Понатаму, од ресорот на министерот Фатмир Бесими објаснуваат што ќе се случи ако Фондот, поради една или друга причина, остане без пари.

„Доколку со исплатата на депозитите од една банка се исцрпат средствата со кои располага ФОД, тој нема да биде во можност да ги обесштети граѓаните ако настане друг ризичен настан во друга банка или штедилница, со што се доведува во прашање сигурноста на целиот финансиски систем, како и социјалната сигурност на граѓаните. Поради ова, ФОД има предност во наплатата на побарувањата врз основа на исплатени штедни влогови, со оглед дека го штити јавниот интерес. Предноста во наплатата на побарувањата е во јавен интерес, бидејќи на тој начин се одржува стабилноста на банкарскиот систем и се обезбедува социјална сигурност на граѓаните“,

велат од Министерството за финансии.

Од Министерството, сепак, не сакаа да ја коментираат хипотетичка ситуација – што ако Уставниот суд го укине или поништи приоритетот што сега го ужива Фондот за осигирување на депозити. Одговорот на тоа прашање го префрлија кај Фондот за осигурување на депозити.

Фондот за осигурување на депозити, пак, пред неколку дена одговори дека е во добра финансиска кондиција, но дека ако почне да им снемува пари при ризичен настан, а немаат приоритет на наплата, тогаш прво ќе наплаќаат повеќе од банките. А ако и тоа не стига, ќе позајмуваат од Буџетот, односно од касата на сите даночни обврзници.

„Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити (член 8) доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност, а се јави потреба за исплата на обесштетување, Фондот обезбедува дополнителни средства преку: 1) дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој настанал ризичниот настан: 2) задолжување во земјата и странство; 3) позајмици од Буџетот на Република Македонија“,

велат од Фондот за осигурување на депозити.

Јасна е и позицијата на оштетените штедачи. Нивната теза е дека сите треба да бидат третирано еднакво. И тие што имале штеден влог до 30 000 евра и тие што имале над 30 000 евра, но и фирмите, кои во домашните закони не се заштитени со минимална сума при пропаѓање на банка.

„Депонентите физички лица до и над 30 000 евра се нееднакви (едните се целосно обесштетени додека другите делумно обесштетени) врз основа на нивната имотна положба, што е спротивно на член 9 од Уставот. Правните лица, кои воопшто не се обесштетени, се нееднакви според општествената положба во однос на физичките лица до и над 30 000 евра, бидејќи првите се целосно, вторите делумно, додека третите (правните лица) воопшто не се обесштетени, што е спротивно на член 9 и член 55 од Уставот“,

се вели во соопштението на дел од штедачите објавено денеска.

Така, надежта на оние штедачи кои се оштетени е дека со укинувањето на приоритетот за исплата кон Фондот за депозити, сите ќе добијат шанса да си повратат пропорционално ист дел од заробените пари.

А како е во ЕУ?

За прашањето постои и европска директива која се занимава токму со компензацијата на штедачите во случај на пропаѓање на банка. Системот е воведен од 1994 година и се уште функционира.

„Шемите за гаранција на депозити (DGS) исплаќаат ограничена сума за да ги компензираат депонентите чија банка пропаднала. Основен принцип на кој почива DGS е дека системот се финансира целосно од банките и дека не се употребуваат пари на даночните обврзници.

Согласно ЕУ правилата, шемите за гаранција на депозити:

– ги штитат заштедите на депонентите до најмногу 100 000 евра;

– помагаат да се спречи масовно повлекување на депозити во случај на пропаѓање на банка, што може да се креира финансиска несигурност,“

се вели во воведот на Европската комисија за темата.

Но, тоа што ЕУ предвидува Фонд за осигурување на депозити, не значи и дека во сите земји членки системот функционира идентично. Постојат разлики во однос на тоа дали од Фондот се обесштетуваат и правни лица, но и дали Фондот има предност при исплата кога ќе пропадне банка.

Кога е во прашање член 163, став 3, најголем дел од државите во ЕУ имаат решение како и Македонија. Односно, Фондот има предност при исплатата кога ќе пропадне банка и сето тоа е согласно нивните устави. Меѓу државите во ЕУ кои имаат ваков систем се: Австрија, Словачка, Кипар, Естонија, Финска, Франција, Грција, Италија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Португалија, Шпанија и Словенија. Во неколку други земји, пак, Фондот за осигурување на депозити нема предност имплицитно, но сепак има одреден приоритет. Таков е случајот со Германија, каде Фондот е четврти по ред за наплата, Латвија, каде е втор по ред, Белгија и Ирска каде Фондот е осми односно десетти.

Со други зборови, во речиси сите држави на ЕУ, а можеби и сите, постои редослед кој кога се исплаќа кога ќе пропадне една банка и тоа не се смета за дискриминација и кршење на уставни права. Во најголем дел од случаите предност имаат Фондовите за осигурување на депозити. Но и таму каде Фондовите не се високо на листата, приоритет има некој друг. Најчесто тоа се евентуалните заостанати плати и придонеси за вработените, па трошоците за стечајната односно судската постапка итн.

Она што е голема разлика во македонското, споредено со законодавството во земјите членки на ЕУ, е дека правните лица во земјава не уживаат никаква заштита. Односно, во Македонија се гарантира исплата до 30 000 евра на депозити само на физички, а не и на правни лица. Сепак, мора да потсети и дека секој штедач-физичко лице, односно банката, плаќа премија во Фондот за депозити за секој влог, додека фирмите не.

Во многу европски држави и компаниите придонесуваат во Фондовите за осигурување депозити, но како и кај граѓаните, гарантирано се враќаат само до 100 000 евра. Тоа е од големо значење за малите компании, како што е од големо значење и за малите штедачи. Големите, чекаат во редот за наплата.

Од Министерството за финансии велат дека наскоро и кај нас фирмите ќе добијат заштита како и физичките лица.

„Согласно Стратешкиот план на Министерството за финансии 2021-2023 година, Министерството за финансии во 2022 година ќе подготви измени и дополнување на Законот за фондот за осигурување на депозити со кои ќе се изврши усогласување со Директивата 2014/49/ЕУ за депозитни гарантни шеми. Во измените на законот ќе се предвиди обесштетување и на депозитите на правните лица во банките и штедилниците во кои настанал ризичен настан“,

одговорија од Министерството за финансии.

Сподели
 
 
 
   more