јуни 22, 2021

Рашковски влезе во Шутка, според ковид-протоколите 10 дена ќе биде во посебна ќелија

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски попладнево е спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, потврди од затворската управа за „360 степени“.

Тој се наоѓа во приемното одделение и според протоколите за заштита од ковид-19, како што објаснуваат од затворот, 10 дена ќе биде сам во ќелија.

Исто така, во Шутка е спроведен и сопственикот и управител на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев. И тој ќе биде сместен согласно мерките за ковид-19.

Нивниот спровод во затворот следува откако денеска Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција во Основниот суд во Скопје, ја прифати жалбата на обвинителството и куќниот притвор им го замени со ефективен во траење од 30 дена.

Рашковски и Станчев се двајца од вкупно четворицата осомничени за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од Генералниот секретаријат на Владата.

Обвинителството истрагата ја отвори во четвртокот, а во петокот двајцата беа изведени пред судија на претходна постапка. Тогаш Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор, но судијата на претходна постапка им одреди куќен, по што следуваше жалба од обвинителката Ивана Трајчева.

Во истрагата се осомничени уште две лица, меѓу кои е и хонорарец во Владата, на чија фирма се води џипот за кој објавивме дека го води Рашковски. Хонорарецот Игор Христов и уште другото осомничено лице, пак, добија мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, одземање на пасошите и други патни исправи и забрана за издавање на нови, како и забрана за преземање работни обврски поврзани со кривичното дело.

Истрагата дојде по неполн месец од отворање на предистрагата по допрен глас за спорниот тендер за набавка на софтверот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •