Истражување: Колку витамините нè штитат од коронавирусот?

Од почетокот на пандемијата на ковид-19, јасно е дека само вакцините можат успешно да го запрат ширењето на вирусот.
Сепак, вакцините, иако се развиваат неочекувано брзо, релативно бавно се дистрибуираат, барем во поголем дел од светот. Во меѓувреме, нема друг избор освен да се придржуваме до епидемиолошките мерки – да се дружиме што е можно помалку, особено надвор од нашето домаќинство или со мал круг избрани роднини и пријатели, да одржуваме физичка дистанца и често да ги миеме рацете. Затоа, научниците испитувале дали има и други работи, како што се антивирусни лекови или додатоци во исхраната, кои можат да ни помогнат, барем до одреден степен.
Некои научници сериозно му пристапиле на проблемот. Една нова голема студија објавена во списанието Бритиш медикал џурнал за исхрана, превенција и здравје откри дека постои одредена поврзаност помеѓу болеста од ковид-19 и употребата на одредени додатоци во исхраната. За жал, нивните ефекти не се ни приближно такви за да се потпреме на заштитата од нив. Сепак, дури и малите ефекти можат да имаат одредено значење кога бројот на пациенти е голем.
Научните истражувања и претходно покажале дека потенцијалните придобивки од мултивитамини и додатоци во исхраната се многу ограничени. Лекарите генерално советуваат дека за здравјето е најдобро секој ден да се внесуваат доволно микронутриенти во организмот преку здрава исхрана. Додатоците во исхраната генерално се препорачуваат само кога јасно е дијагностициран нивен недостаток.
И покрај ова, во раните денови на пандемијата, витамините биле меѓу првите производи што ги снемувало од полиците на аптеките.
„Пазарот за додатоци во исхраната во Велика Британија порасна за 19,5 проценти во периодот пред националното затворање во почетокот на март 2020 година. Продажбата на витамин Ц скокна за 110 проценти, а продажбата на мултивитамински додатоци за 93 проценти. Слично на тоа, продажбата на суплементи на цинк се зголеми за 415 проценти во период од седум дена во екот на загриженоста поради ковид-19 во САД, што заврши на 8 март“, напиша во воведот на својата студија авторскиот тим.
Додатоците во исхраната можат да играат улога во нашето здравје. На пример, цинкот е еден од ретките микронутриенти поврзани со скратување на времетраењето на настинката. На луѓето кои се на веганска исхрана им се препорачува да земаат витамин Б12, кој главно се добива од храна од животинско потекло, додека во растителната е оскуден. Но, кога станува збор за спречување на сериозни инфекции, придобивките од додатоците во исхраната се многу дискутабилни.
Во новата студија, меѓународниот научен тим користел податоци од апликација лансирана од здравствената научна компанија Зое во почетокот на 2020 година, со цел проучување на симптомите од ковид-19, а која на учесниците им поставува широк спектар на прашања, вклучително и дали користеле додатоци во исхраната, како што се пробиотици, лук, рибино масло, мултивитамин, витамин Д, витамин Ц или цинк. Исто така ги прашува и дали биле тестирани за САРС-КоВ-2 и какви биле резултатите.
До 31 јули 2020 година, на прашалникот одговориле вкупно 445.850 учесници во истражувањето од Велика Британија, САД и Шведска, со што на тимот му е овозможено да собере многу податоци корисни за анализа.
Во Велика Британија, од каде што потекнува огромното мнозинство од испитаници, нешто помалку од половина користеле некаков вид на додаток. Околу 6 проценти од оние кои земале додатоци биле позитивни на САРС-КоВ-2, додека од оние кои не земале додатоци, околу 6,6 проценти биле позитивни. Тоа е разлика од околу 2.500 луѓе.
„Во британската група, корисниците кои редовно ја надополнувале својата исхрана со мултивитамини, имале за 13% помал ризик од позитивен тест за САРС-КоВ-2, кај оние кои користеле витамин Д ризикот бил за 9% помал, кај корисниците на пробиотици за 14%, и кај корисниците на омега-3 масни киселини за 12 проценти“, напишаа научниците.
„Немаше значајна поврзаност кај оние што користеле цинк, витамин Ц или лук“.
Но, овие резултати треба да се толкуваат многу внимателно. Пред се, станува збор за опсервациска студија заснована врз извештаите на самите учесници, што значи дека е многу тешко да се утврди причинско-последичната поврзаност што ќе докаже дека токму витамините или додатоците во исхраната резултираат со помалку позитивни тестови за ковид-19.
Тимот во истражувањето спроведе контрола за возраста, полот, телесната тежина и низа други фактори. Исто така, се обиделе да ја земат предвид пристрасноста на учесниците склони кон здравје, што значи дека оние кои земаат витамини, најверојатно ќе бидат луѓе кои истовремено се грижат повеќе за здравјето. Ова пак значи дека тие ќе бидат и поздрави на други начини, вклучително и вежбање и придржување кон епидемиолошките мерки. Таквата пристрасност може да влијае на резултатите.
Но, дури и по сето тоа што го земале во предвид, резултатите сепак биле присутни. Интересно е што тие биле поизразени за жените отколку за мажите. Имено, кај мажите немало значителна разлика поврзана со додатоците, додека кај жените резултатите биле присутни во сите возрасни групи и во сите групи по телесна тежина.
Резултатите исто така малку се разликувале помеѓу САД и Шведска. На пример, се покажало дека додатоците на омега-3 не им биле од корист на шведските жени, додека пробиотиците и витаминот Д им биле корисни на американските мажи.
„Во досега најголемата опсервациска студија за инфекција со вирусот САРС-КоВ-2 и употребата на додатоци во исхраната на над 400.000 корисници на апликации од три различни земји, покажавме дека постои значителна поврзаност помеѓу употребата на додатоци на омега-3 масни киселини, пробиотици, мултивитамини и витамин Д и помалку ризик од позитивни резултати во тестовите за инфекција со САРС-КоВ-2“, пишува тимот во коментар на студијата.
Но, истражувачите забележале дека ефектите на додатоците во исхраната станале мали кога ги зеле во предвид сите можни фактори што можеле да влијаат на резултатите.
„Жените кои купуваат витамини истовремено можат да бидат посвесни за здравјето од мажите, што значи дека можно е почесто да користат маски за лице и да мијат раце. Навистина, според нашите податоци, откривме дека жените имаат тенденција да носат маска почесто од мажите“, се додава.
Конечно, резултатите покажуваат скромни разлики, што авторите ги истакнаа во насловот на студијата. На пример, кај учесниците од Велика Британија, внесот на витамини го намали апсолутниот ризик од ковид-19 за помалку од 1 процент.
Од друга страна, авторите истакнуваат дека на ниво на популација, дури и мали проценти можат да спасат животи, па затоа сметаат дека е потребно да се утврди дали витамините се навистина тие што ја прават разликата. Затоа ги повикаа колегите да спроведат големи клинички испитувања за да ги тестираат потенцијалните ефекти на додатоците во исхраната под поконтролирани услови.