јуни 21, 2021

Шведски доктор: Секој ден фрламе стотици дози на вакцината АстраЗенека

Стотици дози на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ се фрлаат секој ден во Стокхолм затоа што жителите одбиваат да се вакцинираат со неа, изјави денеска доктор за телевизијата СВТ.

Јохан Стируд од Медицинското здружение на шведската престолнина рече дека нема доволно волонтери за да се вакцинираат со AstraZeneca, затоа вакцината мора да се фрла доколку не се користи во рок од неколку часа.

Во Шведска, британско-шведската вакцина е ограничена на оние над 65 години, откако во светот се пријавени ретки случаи на згрутчување на крвта како несакан ефект на земање на вакцината.

СВТ известува дека некои пациенти ги откажуваат закажаните вакцинации кога ќе дознаат дека ќе примат вакцина АстраЗенека.

Стируд, како и Европската агенција за лекови (ЕМА) и Светската здравствена организација (СЗО), нагласува дека придобивките од оваа вакцина се многу поголеми од ризиците, па ги повика луѓето да се вакцинираат.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •