август 5, 2021

ФИЛИПЧЕ ВО ПОСЕТА НА ИНСТИТУТОТ „ТОРЛАК“ ВО БЕЛГРАД

Министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Министерството за здравство, денеска ќе заминат во официјална посета на Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.

– Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, таа соработка која ја имаме во размена на експертизата, нивни експерти тука во делот на гинекологијата, неонатологијата, кардиохирургијата и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од „Торлак“. Во овој момент не ни се потребни вакцини, но гледаме како се одвива работата со пандемијата, има разни најави, не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата, изјави минатата недела Филипче.

Вчeра попладне пристигна првата пратка од вакцината „Фајзер“, која Министерството за здравство ја обезбеди cо директни преговори со овој производител на вакцина против Ковид 19.

-Станува збор за 10.530 дози од вакцината „Фајзер“, кои веќе од среда ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација, информираа од Министерството за здравство.

Претходно, беше најавено дека втората пратка од „Фајзер“ со уште 10 илјади вакцини треба да пристигне на 26 април, со што нашата држава треба да добие вкупно околу 20.000 вакцини од овој производител.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Во земјава досега се вакцинирани над 35 илјади граѓани.

Министерот за здравство вчера соопшти дека состојбата со Ковид-19 е стабилна и постепено се намалува бројот на приеми на пациенти.

– Се надеваме дека и натаму мерките ќе даваат резултат со оглед на тоа што и бројот на новодијагностицирани се намалува, во очекување сме ситуацијата да продолжи да се стабилизира, напиша на „Фејсбук“ Филипче.

Вчера беа регистрирани 135 нови случаи на позитивни на коронавирусот од направени 841 тестирања, што е 16 отсто. Пред една недела бројот на новозаразени од тестирани беше околу 30 отсто.

Во текот на претходното деноноќие пријавени се 35 починати лица, меѓу кои двајца 46-годишници од Скопје. Во ковид-статистиката беа регистрирани и 900 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 692.096 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 147.229, на оздравени пациенти е 123.710, на починати е 4.478, а активни се 19.041 случај. Според епидемиолошки анализи, најмногу активни има во Скопје – 8676, потоа следи Битола – 1236, Куманово – 1209, Прилеп – 935, Охрид – 846, Велес – 698, Тетово – 672, Струмица – 549. Во другите градови има под 500 заразени.

Вкупно 1663 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 380 празни болнички кревети во ковид – центрите. Во главниот град на инфективните оддели се лекуваат вкупно 702 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка. Во ковид – центрите во болниците во другите градови пријавено дека се лекува вкупно 961 ковид-пациент. Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 294 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 141 болен, а на Клиниката за инфективни болести лежат 146 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 12 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 2 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 65 болни. Во ковид-центрите во Скопје има 95 слободни болнички кревети. Во болницата во Битола се хоспитализирани 151 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во болницата во Штип е хоспитализиран 91 пациент, во Велес 90, Куманово 94, Охрид се хоспитализирани 100 пациенти, во Прилеп 116, во Струмица 90 пациенти, Кавадарци 55, а во другите градови има помалку хоспитализирани.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •