јуни 23, 2021

Репортери без граници: Културата на неказнивост засилена во Македонија

Македонија е на 90-то место со индекс 31,67 во најновиот Светски индекс за слободата на печатот што денеска го објави организацијата Репортери без граници, со што е рангирана во портокаловата зона, односно во групата земји кои имаат проблематична средина за слободата на печатот. Во претходниот извештај Македонија го заземаше 92-то место.

– Ситуацијата со медиумите се влоши. Високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да навредуваат медиуми, а вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми. Сето ова послужи за да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост – пишува за состојбата со слободата на медиумите во Македонија минатата година.

Од регионот најдобро е пласирана Хрватска на 56 место, а потоа следуваат Босна и Херцеговина на 58, Косово на 78, Унгарија на 92, Србија на 93, Црна Гора на 104 и Бугарија на 112 место.

Светскиот индекс за слобода на печатот во 2021 година, покажува дека новинарството е целосно или делумно блокирано во 73 отсто од 180-те рангирани држави (попречено во 73 и ограничено во 59).

Норвешка котира најдобро петта година по ред, а потоа следуваат Финска, Данска и Шведска. На дното се Северна Кореја на 179-то место, Туркменистан и Кина.

Во извештајот е истакнато и дека пандемијата се користи како основа за блокирање на пристапот на новинарите до изворите на информации и за известување на теренот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •