јануари 18, 2022

(ВИДЕО) Џипот што го вози Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата

Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видео опрема. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов, кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.

Еден месец и една недела откако објавивме дека Драги Рашковски купил софтвер од 81 илјади евра за автоматско казнување сообраќајни прекршоци, кој полицијата не го побарала и не го користи, екс генералниот секретар на Владата заврши во куќен притвор.

Два дена претходно си даде оставка од последната функција – секретар во кабинетот на премиерот Зоран Заев. На оставката стоеше датумот на кој „360 степени“ објави дека Рашковски вози луксузен џип, кој не фигурира во неговиот анкетен лист.

Рашковски сега е и формално осомничен дека спровел тендер за софтвер, со услови нагодени да одговараат на карактеристиките на патент што лично тој го регистрирал. Во последната изјава за „360 степени“, Рашковски тврдеше дека набавката е оправдана.    

„Ова треба да биде само еден дел од целокупниот ‘Сејф сити’ систем, може да биде и треба да биде само еден дел од истиот“,

кажа Рашковски.

И пред и по отворањето истрага од обвинителството, во негова одбрана стои премиерот.

„Спроведена е постапката целосно согласно закон. Ама на крајот е судот којшто треба да пресече,“

кажа премиерот Зоран Заев (17.4.2021.)   

Освен Рашковски, во куќен притвор е и сопственикот и управител на фирмата што го изработила софтверот, „Инвока гроуп“. Останатите двајца осомничени засега се непознати за јавноста, но за еден од нив откривме како е поврзан со Рашковски. На име на негова фирма се води луксузното „Волво XC 90“ кое го користи Рашковски. Тој е и еден од хонорарците чии имиња Владата првично одбиваше да ги обелодени.

Една недела откако објавивме дека екс-генералниот секретар на Владата вози џип што го нема меѓу имотот пријавен во Aнтикорупциската комисија, повторно сме на локацијата на која го „уловивме“ Рашковски.

Луксузното „Волво“, кое во изминатите месеци речиси редовно го забележувавме на овој паркинг, откако ја објавивме сторијата, веќе не е тука. Како стигнал до него и зошто не фигурира во анкетниот лист, Рашковски не одговори, но нашите проверки отворија нова перспектива.

Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видео опрема. Од огласи достапни на интернет, може да се види дека фирмата поправа компјутери, печатачи и полни тонери. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Тој Игор Христов е истиот кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот. Според обвинителството, како надворешен соработник, пренесувал информации за текот на тендерот.

Откако луксузниот џип „исчезна“ од паркингот пред живеалиштето на Рашковски, прво го побаравме на официјалните адреси на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, во општините Гази Баба и Кисела Вода во Скопје. Но, попусто. Фирмата постои од 2004 година и има скромни финансиски резултати до 2017. Таа година, слично на претходните, ја завршила со околу 60 илјади евра приходи. Во 2018 и 2019 година приходите растат до 210 односно 150 илјади евра, но нето-добивката е 30 односно 8 илјади евра. А, во игра е џип, чиј најнов основен модел чини 74 000 евра.

Како вакво возило завршило кај Рашковски, го прашавме газдата и хонорарец во владиниот Генерален секретаријат, Игор Христов. Ни одговори дека лани неговата фирма купила два половни џипа „Волво ХЦ 90“, увезени од Германија.

„Едното возило го управувам лично јас, а второто беше планирано да го управува вработен во мојата фирма. Со оглед на тоа што во меѓувреме, вработениот ја напушти мојата фирма, едно од возилата го дадов на користење на сопругата на Рашковски. Со господинот Рашковски се познаваме повеќе од 15 години. Тој нема никаква поврзаност ниту од аспект на сопственичка, ниту од аспект на управувачка структура со мојата фирма“,

вели Игор Христов, сопственик на „Г.Б.Ц Системи“ и хонорарец во Владата.

Целата сторија пточитајте ја тука

Сподели