јуни 22, 2021

Со заштедата од печатењето учебници ќе се купуваат компјутери за децата од социјално загрозените семејства

Карантинските мерки и обидот да се стави под контрола ширењето на опасната болест ковид-19 ги затвори учениците дома и секако го диктира нивното слободно време повторно да го поминуваат пред компјутер или телефон.

Тоа што Mинистерството за образование најави дека како дел од сепфатната реформа во овој сектор ќе бидат и електронските учебници наместо бесплатните во хартиена форма предизвика низа реакции пред се кај родителите кои во овој период на онлајн настава посакаа барем малку очите на нивните деца да се оттргнат од екраните и да ги прелистуваат хартиените учебници.

Според новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој го усвои Владата таа опција сепак е оставена за учениците од прво до трето одделение кои единствено во оваа училишна година одбележана целосно од пандемијата имаат можност наставата да ја следат со физичко присуство.

Компјутер за секое дете ќе обезбеди државата

Реформата на МОН предивидува секое училиште да има обврска да ја обезбеди потребната количина ИТ уреди (таблет компјутери) кои ќе се даваат на користење на учениците кои во своите домови немаат услови, односно не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред, проблем кој се решаваше во движење со донации од фирми и поединци за учениците, пред се поради тешката финансиска состојба на семејствата, не можеа да набават компјутери или смарт телефони за следење на наставата.

Во моментов, според податоците на МОН добиени од училиштата, над 90% од учениците се вклучени во онлајн настава, а недостигот на електронски уред е предизвик за околу 4.000 ученици од сите одделенија. Тоа значи дека десеткратно е намалена бројката од првичните проценки за бројот на ученици кои немаат електронски уреди од почетокот на учебната година. Намерата е оваа бројка да се сведе на нула за многу кратко време.

Калкулациите на МОН се дека ќе се заштедат средства по основ на печатење на учебници, кои ќе се релоцирараат за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици, односно за учениците од социјално загрозени семејства.

Грешките и содржинските недоследности полесно ќе се поправаат

Доколку се појават грешки и недоследности во дигитализираните учебници наместо да се препечатуваат тие електронски ќе се корегираат. Според досегашната практика се повлекуваа цели печатени учебници поради една или повеќе грешки во нив, а често поради промена на само еден наслов на тема беа препечатувани цели изданија, што повлекуваше дополнителни трошоци за МОН. Тендерите за печатење на нови учебници и разните манипулации кои го следеа Министерството во досегашната практика повеќе нема да бидат предмет на опсервација заради местенки и корупција.Препечатувани учебници само поради промена на наслов на тема/ Фото: Слободен печат

Учениците од прво до трето одделение секако ќе добиваат хартиени учебници, бидејќи токму тоа е период во кој децата го развиваат односот кон книгата, но тука станува збор за далеку помала бројка отколку за сите одделенија и класови заедно.

Исто така, доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат така што материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик.

Останува и опцијата учениците самостојно да си печатат дел од материјалите или цели книги доколку тоа го сакаат. Авторските права сега се на МОН и секој може да печати делови или целосно според своја желба, a ќе може и училиштето да го направи тоа кога ученик од било која причина ќе го побара тоа.

Лектирите како задолжителна литература во образовниот систем исто така остануваат во печатена форма во сите одделенија и ќе продолжи да го гради односoт на учениците кон книгите и класичната литература.

Повеќе учење на училиште, помалку дома со родителите

Ако идејата да се заменат хартиените со електронски учебници се гледа издвоено од целокупните реформи, излегува дека децата нема да станат од компјутер дури и после часовите кога ќе ги пишуваат домашните задачи и кога ќе ги учат новите и повторуваат старите лекции.

Но, реформите на МОН предвидуваат децата наставната материја да ја совладуваат во училница, преку интеракција со наставниците, а помалку да работат дома со родителите, додека учебниците треба да им послужат само за потсетување на веќе поминатата материја.

Ќе се зголеми времето поминато на училиште, имајќи предвид дека учениците во Македонија минуваат 900 часови помалку на училиште отколку учениците од развиените земји.

Исто така, според концептот за изработка на учебници и дидактички материјали, новите материјали за учење треба да наметнат учење со разбирање наместо фактографско учење. Тоа значи дека содржината се намалува, а се посветува внимание на квалитетот и на податоци и факти кои се лесни за помнење и применливи во секојдневието. Во тој случај ќе нема потреба од многу листање на учебниците и неколку пати враќање наназад за да се научи тоа што се чита. Учениците полесно ќе учат, а ќе им треба помалку време да го совладаат предадениот материјал, се надежите од креаторите на новата реформа во образованието.

Долгото седењето пред компјутер додека трае наставата и по неа, за новите генерации кои растат во дигиталната ера на ИТ технологијата, ќе може да го за пребарување, истражување и учење, што може да биде голема придобивка и градење на добар однос со технологијата и интернетот. Всушност, оваа учебна година учебниците се достапни во електронска верзија токму на барање на учениците.

Со оглед на тоа што сите ученици од основно и средно образование на крајот на секоја училиштна година ги враќаат печатените учебници, на матурантите посебно при полагање на матурата или за упис на факултет им остануваше електронските да ги пролистаат учебниците од претходните години за да се подготват за испитите. Дигиталните изданија по некои предмети може да ги користат и студентите и било кој друг кој има потреба.

Достапноста на електронските учебници им овозможува на сите ученици да ги прелистаат претходните доколку сакаат да се потсетат на поминатиот материјал кој не го совладале доволно, а на најјаките ќе им овозможи ако некоја материја ги интересира посебно да „ѕирнат“ како е разработена во наредната година и така полесно да се подготват за натпреварите.

Електронските учебници оваа училишна година ги прифатија и дел од училиштата за странски јазици кои на своите ученици повеќе не им продаваат оригинали или копии од учебниците кои ги користат за изучување на странски јазик.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •