септември 17, 2021

Економски советници наместо економски промотори, има ли разлика?! (Видео)

Македонија ги доби првите четворица економски советници кои ќе работат на привлекување странски инвестиции и освојување нови пазари за извоз од земјава. Претставници ќе имаме Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби. Ќе работат самостојно, но физички ќе бидат сместени во амбасадите. Засега нема конкретна пресметка колку ќе ја чинат државата, но ќе се финансираат од буџетот на МНР наменет за дипломатска мрежа.

“Задачата на економските советници ќе биде да ги претстават потенцијалите на Република Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација, да ги промовираат нашите извозни потенцијали, но и воопшто да ја промовираат Република Македонија како економски и политички бренд. Трошоците за нив ќе се покриваат од вкупните трошоци, кои во МНР се наменети за целокупното покривање на дипломатската мрежа”, вели Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи очекува сегашните економски советници да покажат подобри резултати од претходните економски промотори. Нивното заминување ќе зависи од тоа кога ќе ја завршат теоретската и практична обука, но се очекува да биде во втората половина годинава.

“За разликата од економските промотори, економските советници се дел од дипломатската мрежа и во своето работење ќе го комбинираат знаењето од сферите на економијата и дипломатијата. Економските промотори биле испраќани од Агенцијата за странски инвестиции и не постоеше координација со дипломатскиот сектор и МНР и со овој коцепт се прави обид за покривање на тие слабости”, вели министерот Османи.

Работата на економските советници ќе се анализира на годишно ниво и така ќе се одредува дали нивниот мандат ќе се продолжи дополнително, но за најмногу 3 години.
Инаку, земјава прв пат доби економски промотори во 2008-та година. По девет години, со доаѓањето на сегашната власт, беа укинати со образложение дека не ги дале очекуваните резултати, а биле прескапи.

Извор: Тв Сител

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •