септември 17, 2021

Не се изгласа петтиот пакет мерки, дали државата нема пари?! (Видео)

Си заминаа половина час пред полноќ и иако наводно си го одработеа работниот ден вчера, пратениците не успеаја да се договорат и да ги изгласаат трите закони кои се однесуваат на мерки за помош на стопанството предложени со Петтиот владин пакет мерки. Бурни реакции во јавноста предизвика ова нивно однесување па синоќа на социјалните мрежи имаше доста коментари со негодување за демонстрираното политикатноство на штета на погодените. А тие пратениците со часови се натегаа во Собранието дали треба да заврши прво 32 седница на Собранието, опција што ја форсираше собрансикот претседател Талат Џафери или како што сакаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ веднаш да се закаже 36. седница на која се законите од преложените мерки. 

Денот го одбележа тензична атмосфера и кога вечерта наводно имаше надеж дека ќе се закаже 36 седница само за да помине, тоа не се случи и пакетот и законите не поминаа. Џафери во неколку наврати тврдеше дека не го води собранието како обложувалница туку како државна институција, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегуваа и се враќаа. Имаше трескање по масите, многу процедурални забелешки. Сепак решение и глас за законите немаше. 

Џафери на крајот дури рече дека Собранието ќе оди во карантин. Тројца пратеници од владеачкото мнозинство секако веќе се заразени и не доаѓаат на работа во моментов.

„Почитувани граѓани, очигледно забарикадирано во одлуките, Собранието е условено за начинот на работа, а очигледно вака ако одат бројките со инфекцијата, утре имаме претседателство на Собранието, веројатно ќе биде тема, една од точките и прашањето за карантин за Собранието па не се смеј.. што се смејш, што да правиме, мора да објавиме карантин за Собранието, а има инфекции,овде ја прекинувам работата, за продолжување на седниците, дополнително ќе бидете известени“, рече синоќа Џафери и ја затвори седницата.

Заседанието на 36. седница воопшто не почна, ниту, пак, е закажан нов термин за негово одржување.

По завршувањето пратениците од опозицијата повторно го обвинија СДСМ за неизгласувањето на законите.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, власта одбива да се донесе петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството. Немаат пари во буџетот, па манипулираат со јавноста и смислуваат разни изговори, оценува тој.

„Џафери требаше да констатира дека нема доволно пратеници за 32. седница и да ја продолжи 36. седница. Очигледно тоа е некој договор или, пак, немаат пари, па манипулираат со јавноста и граѓаните и стопанството.Морам да кажам дека не само на оваа 32. седница, туку и на сите други седници  не се усвојуваат амандмани на опозицијата. Се додека оваа опозиција од 44 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и другите пратеници во вкупен број од 58 пратеници, не се испочитуваат и не се сфати улогата на тие пратеници, никогаш нема да имаат кворум за седници“,

рече Мицевски, на прес-конференција доцна во ноќта.

И Мицевски настапи со оценки дека мерките се блокираат затоа што буџетот е празен и нема доволно средства за да се исплати помош за граѓаните и за стопанството. За однесувањето на Џафери, пак, рече дека тоа е однос кон сите пратеници во Собранието.

„Претседателот на Собранието, со неговите реакции, го покажува односот према сите пратеници во овој законодавен дом. За жал, денеска бевме во ваква ситуација. Очигледно не сакајќи да се донесе петтиот пакет мерки се бараше какво било оправдување за да се случи нешто во Собранието. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше тука и не дозволи да се случи некој поголем инцидент, се со една цел да се изгласа петтиот пакет на мерки кои што со нетрпение ги очекуваат граѓаните. Јас сум свесен дека во текот на утрешниот ден ќе почнат да се бараат оправдувања по нивните портали и медиуми и ќе почнат да ги спинуваат вестите. Меѓутоа македонската јавност гледа и знае што се случуваше овој ден и оваа вечер во Собранието“,

рече Мицевски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •