јуни 6, 2023

За проверка на антитела на ковид ќе се плаќа приватно, освен за исклучоци

Бидејќи проверката на антитела на ковид-19 не е во протоколите за лекување на Комисијата за заразни болести, Фондот за здравствено осигурување одлучил таквите анализи да не бидат повеќе на нивни товар

Министерот за здравство Филипче вели дека сепак ќе има поединци, кои ќе имаат индиција за проверка на антитела, тоа да може да го сторат на товар на Фондот, за што ќе се постават критериуми.

За проверка на антитела специфични за коронавирусот граѓаните отсега ќе треба анализите да ги платат приватно по цена од околу 700 денари, наместо на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

Од Фондот за здравствено осигурување во дописот до државните лаборатории каде што се вршат вакви испитувања наведуваат дека детекцијата на IgG и IgM повеќе не треба да биде на товар на Фондот, туку поединците што ќе инсистираат на вакви анализи тоа ќе треба да го платат приватно.

„Земајќи ја предвид состојбата со ковид-19 и ограничените финансиските средства со кои Фондот располага, ве известуваме дека анализите за детекција на антитела од класата на IgG и IgM не треба да се вршат на товар на средствата на Фондот. Доколку пациентите инсистираат на овие анализи, тогаш трошокот за нивно извршување е на товар на пациентите“,

се вели во дописот од ФЗОМ.

Појаснуваат дека во важечките протоколи на Комисијата за заразни болести за лекување на пациенти со ковид-19 не се вклучени анализите за антитела.

„Анализите за детекција на антитела од класата IgG и IgM, специфични за SARS-CoV-2, се наменети со цел да се утврди дали поединци биле изложени и заразени со овој вирус и дали развиле специфичен имунолошки одговор. Според важечките протоколи на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, единствени анализи што треба да се користат за дијагностика на SARS-CoV-2 се ПЦР-тестот и брзиот антигенски тест. Според тоа, анализите за детекција на антитела од класата на IgG и IgM не треба да се користат при третманот на пациентите заболени со ковид-19“,

се вели во дописот.

За ова одлука информираа од Институтот за имунологија, од каде што преку социјалните мрежи ги известија граѓаните дека отсега проверката на антитела ќе чини 736 денари.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека утрово разговарал со директорот на Фондот за здравствено осигурување и одлучиле, сепак, да има можност и понатаму дел од граѓаните, оние што ќе имаат индиција за проверка на антитела, тоа да може да го направат на товар на Фондот.

„Разговарав и со директорот на Институтот за имунологија и со директорот на ФЗОМ и одлучивме дека сепак има пациенти со индикација дека треба да ги направат овие испитувања на антитела и решивме одлуката да се повлече, но ќе дадеме соодветни критериуми. Да не испадне дека секој може да ги прави тие испитувања бидејќи финансискиот товар е голем“,

рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

За авторот

Сподели