јуни 22, 2021

Експертите советуваат: Не ги повлекувајте заштедите од банките бидејќи банкарскиот систем е стабилен, а штедните влогови се безбедни!

Македонскиот банкарски систем е стабилен и сигурен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот, беа уверувањата од Народната банка и од Македонската банкарска асоцијација по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минималните законски услови за работење на банка.

Всушност, тоа и не е така далеку од реалната состојба на банкарскиот систем во целина со оглед на податокот дека веќе со години наназад банкарскиот сектор е далеку најпрофитабилен споредбено со останатите сектори во државата.

Доказ за тоа е податокот дека профитабилноста на македонските банки од година во година расте, а изминатата 2020 година достигна вредност од неверојатни 7,25 милијарди денари или приближно 118 милиони евра покажуваат податоците на Народна банка. За споредба со претходната 2019 година, банките остварија профит од 6,68 милијарди денари кога немаше пандемија на коронавирусот, па оттука можеме да дојдеме до заклучок дека добивката на банките е зголемена за 567 милиони денари или 9,2 милиони евра за време на ковид кризата дури и покрај мораториумот односно шестмесечното одложување на кредитните обврски.

Профитот на банките се зголеми и покрај згаснувањето на Еуростандард банка АД Скопје. Притоа, дојде до намалување на бројот на комерцијални банки кој во моментов изнесува 13. Овој број годинава дополнително ќе се намали со најавеното спојување на Охридска банка и Шпаркасе банка Македонија во еден ентитет.

Комерцијална банка, Стопанска банка АД – Скопје, НЛБ Банка, Халкбанк и Охридска банка се петте големи банки кои се движечка сила во банкарскиот сектор, следуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Република Македонија кои се вбројуваат во редот на средни банки и следуваат ТТК Банка, Силк Роуд Банка и Капитал Банка кои влегуваат во групата мали банки.

Дополнителен податок кои оди во прилог на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор во земјава се позитивните оценки од страна на ММФ и Светската банка за време на Пролетните средби кои се одржуваа изминативе неколку дена. Одлуките и мерките на Народната банка донесени од почнувањето на корона-кризата наваму се позитивно оценети од тимот на Одделот на ММФ притоа истакнувајќи дека одлуките и мерките на Народната банка во целост се во согласност со очекувањата и насоките на Меѓународниот монетарен фонд. За дел од мерките на Народната банка од изминатиот период од ММФ беше беше посочено дека значително придонесоа и за подобрени услови за кредитна поддршка од банките. Сега, каматите на кредитите во нашиот банкарски систем се едни од најниските во регионот, што е особено важно во текот на една ваква криза.

Дополнително, може да се очекува и натамошно намалување на цената на кредитите на комерцијалните банки, по последното намалување на основната каматна стапка на Народната банка, што ќе придонесе за натамошната поддршка на граѓаните и компаниите и економијата во целина.

Потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер исто така ја поддржаа политиката на НБРСМ, притоа нагласувајќи дека сите податоци упатуваат на податокот дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен. Од Светската банка беше нагласено дека солвентноста и ликвидноста на банкарскиот систем, на почетокот од корона кризата, беа и подобри од оние на почетокот на големата глобална криза во 2008 и 2009 година. Тоа упатува на поголем простор за апсорбирање на потенцијалните ризици,  и за непрекинатост на кредитната поддршка од банките во овој период, што е клучно за справување со предизвиците, наметнати од здравствената криза.

Продолжете со читање на bankarstvo.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •