јуни 23, 2021

Министерот Хоџа: Пијам само вода, не се хранам со месо од бизон во кафеани, срамни се обвинувањата!

Не сум човек кој во кафеана би се луксузирал, посебно не на државна сметка. На оние кои добро ме знаат, познато им е дека не пијам алкохол, во ресторан порачувам вода, не сум од оние кои се хранат со месо од бизон, ниту пак следам кулинарски хирови, ниту на моја, ниту пак на било чија сметка- вака за “Фокус” појаснува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Неговата реакција доаѓа откако пред два дена стана топ тема во јавноста, кога во одредени медиуми се објави веста дека за само шест месеци на функција, успеал да потроши дури 22.794 евра за ручек и кафиња во бифето ,,Концепт бар” кое послужува храна за нашата Влада.

Тој вели дека веста која за многу кратко време се прошири е голема невистина, и првенствено била објавена во портал кој немал ниту сопственик, ниту пак истакнато основни податоци.

-Таа сума од над 22.000 евра, тоа всушност се трошоци на 32 сектори, плус заостанати фактури, и без да бидам лично запрашан околу фактичката состојба, започнаа невистините и обвинувањата. Излегоа од портал на кој ниту импресумот не му се знае, а се проширија низ целиот медиумски простор. За волја на вистината, ги имам сите потребни документи, комплетниот шест месечен извештај, каде јасно може да се види реалната слика за трошоците на министерството.
Станува збор за сума од околу 6.000 евра за шест месеци, трошоци кои се направени од над 50 лица од моето министерство, односно по околу 1.000 евра месечно. Највисоката сума од околу 3.000 евра е од времето кога во посета имавме делегација од Турција, стануваше збор за 18 лица, а според договорот, ние требаше да ги покриеме овие трошоци, бидејќи кога нашата делегација беше во Турција, тие ги покриваа нашите трошоци.
Во салата за состаноци, која ја користат сите странки, трошокот за шест месеци е околу 170.000 денари, значи се работи за голем број на луѓе кои циркулираат таму и за подолг временски период – тврди министерот.

Додава дека и самиот бил изненаден од објавената невистина, бидејќи тоа се податоци кои можат детално да се проверат, но сепак, многумина ,,наседнале”.

Околу пишувањата дека наводно тој дневно трошел по околу 210 евра на ден за храна и пијалоци, вели дека не само што е голема лага, туку претставува и навреда.

-Посебно поради тоа што пијам само вода, да не е сето ова толку недолично, би било смешно. Обид да ми се нанесе штета, лага која што многумина без да проверат продолжуваат да ја пласираат. Не сум голем гурман, ниту пак боем, кој би се луксузирал на ваков начин, ја знам границата помеѓу професионалното и приватното- појаснува Хоџа.

Вчера од Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски соопштија дека сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги во локали при одржување на работни состаноци.

Министерот Хоџа вели дека тоа е одличен потег, кој се планирал подолг период, и не е поврзан со веста за негово наводно трошење на над 22.000 евра за шест месеци, која ја демантира, и за која смета дека е пласирана со цел да се фрли дамка врз неговите успеси и резултати кои ги постигнал изминативе месеци, откако е на функција.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •