септември 17, 2021

Додик: Распадот на БиХ е неизбежен и за тоа ќе се залагам

Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик најави дека упорно ќе инсистира на концептот на „мирно разидување“ односно распаѓање на државата на чие чело е во моментов.

Додик смета дека БиХ не може да се одржи, а тврди дека тоа е тема за која и во меѓународната заедница сега сè погласно и погласно се зборува.

„Упорно сме во очекување на моментот кога мирното разидување ќе изгледа реално“, кажа Додик на конференција за новинарите во источно Сараево.

Тој истакна дека со тоа не заговара војна, туку излез од сегашната ситуација која ја опиша како „гнила“.

Додик овие коментари ги даде откако другите два члена на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ потврдија дека претседателот на Словенија Борут Пахор за време на посетата на Сараево на 5 март за време на неофицијален разговор прашал дали е можно мирно разидување во БиХ.

Џаферовиќ и Комшиќ кажаа дека на Пахор веднаш му кажале дека такво нешто е невозможно, односно дека тоа би бил вовед во нова војна, а дека Додик дал поинакво мислење.

Додик кажа дека Пахор не е единствениот кој поставува такви прашања и тврди дека тие се целосно легитимни бидејќи БиХ е нефункционална како држава па нејзиниот распад „по мирен пат“ е единствениот логичен излез од таа ситуација, особено поради тоа што не постои никаков дијалог за тоа како да се решат внатрешните проблеми.

„Треба да се седне и да се разграничи и да се направат три држави кои ќе бидат демилитаризирани“, кажа Додик.

Додаде дека алтернатива на тоа е евентуален договор за формирање некаква нова државна заедница која би се состоела од три независни целини.

Неговата оценка е дека освен непостоењето договор во БиХ дополнителен проблем е што е изгубен потенцијалот на европските интеграции, околу што во земјата постоел каков-таков консензус.

Тврди дека во ЕУ не постои никаков реален интерес за проширување на Западниот Балкан па така ни БиХ нема реални изгледи за скоро членство.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •