септември 23, 2021

Првостепени пресуди за Трезор, Мијалков доби 8 години затвор

Судот им одреди затворски казни од по пет години на Стајковиќ и на Јакимовски. Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Предметот се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите преку фирма-посредник од Скопје

Сашо Мијалков (ексдиректор на УБК) – 8 години затвор

Горан Грујевски (поранешен началник на Петатта управа во УКБ) – 15 години

Небојша Стајковиќ (бивш помошник-министер во МВР) – 5 години

Тони Јакимовски (поранешен началник на оддел во УБК) – 5 години

Од фирмата „Финзи“ се конфискува имотната корист остварена од кривичното дело во висина од 838 106 денари и 145 619 евра од девизна сметка плус возила…

Ваква пресуда во случајот „Трезор“ денеска изрече судечкиот совет во Основниот кривичен суд – Скопје составен од Џенета Бегтовиќ, како прва и Софче Гаврилова-Ефремова, како втора судијка, и тројца судии поротници.

Првите тројца се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање. На Грујевски, кој избега во Грција, му се судеше во отсуство.

Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Сомнителната „Финзи“ како играч во набавката на британската опрема за следење

Предметот „Трезор“ се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите. Го отвори СЈО, а потоа, исто како и останатите предмети, премина во рацете на редовните обвинителства, но обвинителите со овластување од Љубомир Јовески, останаа исти. Артан Ајро и Трајче Пеливанов го застапуваа предметот во текот на судскиот процес и според нивните тврдења било договорено опремата наместо директно од британската компанија „Гама Интернешнл“, да се набави преку фирма посредник од Скопје. Станува збор за фирмата „Финзи“ која, потенцираа обвинителите, била основана од офшор-фирма во САД, а на која како краен сопственик се јавува бизнисменот Орце Камчев. Прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, а потоа управител бил починатиот Коста Крпач. Оваа фирма, поради сомнителниот капитал и потекло е дел и од истрагата „Империја“ каде што се осомничени и Мијалков и Камчев.

Оваа фирма потпишала договор со „Гама Интернешнл“ за да биде ексклузивен дистрибутер на опремата во Македонија, но според обвинителството, индикативно е што тоа се случило уште пред да се почне постапката за набавка.

Обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов

„Од каде знаеле дека МВР е заинтересирано да набави опрема од ’Гама‘? Одговорот е јасен, тоа било договорено помеѓу првите тројца обвинети“,

рече обвинителот Трајче Пеливанов во завршните зборови.

Штета која била направена на буџетот, а со тоа и имотната корист која ја добила „Финзи“, според обвинението е околу 48,5 милиони денари.

Од друга страна, пак, одбраната настапуваше со теза дека со оглед дека постоел договор помеѓу скопската и британската фирма, немало друг начин да се набави опремата. Мијалков, тврдеа неговите адвокати, нема никаква врска со „Финзи“ ниту пак влијаел некако за потпишување на таков договор.

Сашо Мијалков со неговите адвокат Љупчо Шврговски и Петар Василев

„Гама не би си дозволиле да определат за дистрибутер некој без знаење и стручност“,

рече адвокатот на Мијалков, Петар Василев во завршните зборови.

Дека не постоела однапред договорена зделка, одбраната во своите завршни зборови се повикуваше и на одговорите кои ги добило обвинителството од британските служби преку меѓународна правна помош. Добиените одговори, потенцирааше одбраната, покажуваат дека нема докази оти Коста Крпач бил да договора нешто со „Гама“, како и дека во одговорите од Бриталците пишува дека вработените во британската фирма не се сеќавале дека имало средба. Одбраната потенцираше уште еден момент од одговорите од британските служби, а тоа е дека во досието на „Гама“ нема релевантни докази оти претставници на МВР имале некаква електронска комуникација во врска со набавката што се правела преку Финзи“. За оваа околност, пак, обвинителите претходно посочија дека нема такви докази зашто „Гама“ ги чува само комуникациите за последните три години.

Денешната пресуда доаѓа по повеќе од 3 години откако предметот „Трезор“ доби архивско бројче во судот. Првото рочиште беше закажано на 5 февруари 2018 година.

Мијалков, Грујевски и Јакимовски имаат затворски казни во „Таргет-Тврдина“

Тројца од поранешните функционери во УБК, кои се гонеа во „Трезор“, пред помалку од два месеци добија затворски казни во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на нелегалното масовно прислушување во земјава од 2008 до 2015, како и на уништување на опремата за прислушување со цел прикривање на докази. Оваа пресуда сè уште не е правосилна, со оглед дека за поднесените жалби треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.

Таму, Мијалков доби 12 години затвор за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание. Последното дело веќе му застаре, па доколку Апелација потврди дека тој е виновен, казната ќе му се намали поради застарувањето.

Горан Грујевски, пак, доби 15 години затвор за повеќе дела, како: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.

Тони Јакимовски со првостепената пресуда е осуден на 6 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •