ноември 27, 2021

МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДОЦНИ СО СИТЕ МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОВИД КРИЗАТА

Токму во приодот кога ескалацијата на пандемијата беше сосема извесна и очекувана, власта тераше агенда за спроведување на однапред наштиманиот попис. Наместо да се работи на стратегијата и организација на амортизирање и спречување на ваквото однапред извесно црно здравствено сценарио, кога болничките капацитети се исполнуваа, министерот Филипче, согласно владината агенда за попис по секоја цена, го убедуваше македонскиот народ дека се’ е под контрола и нема потреба за дополнителни мерки, на тој начин пренасочувајќи го вниманието на народот само на интензивирање на катастрофалната состојба со ширењето на вирусот.

Здравствениот сектор на Левица бара одговор и одговорност од Владата и Министерот за Здравство по неколку прашања.

Која е оправданоста во рок од само една недела од вашата „стабилна“ состојба да излезете со став дека болничките капацитети се преполни и да воведете нов полициски час, затворање на кафичи, ресторани, фитнес центри..!?

Дали сте се запрашале, како им е на луѓето кои веќе имаат скратени лични доходи, нови откази, и луѓе кои потполно се останати без никакви примања!? Дали знаете како му е на народот, кој го доведовте до маргините на егзистенција на животот, поддржувајќи економска логика каде не само во нормално мирнодопско време профитираат само газдите, туку и при владините економски мерки согласно кризата од пандемијата повторно се помагаат газдите наместо раобтниците!?

Сите параметри укажуваат на тоа дека предвидлива беше епидемиолошката крива, па наместо да се занимавате со агитирање за спроведување на странски агенди, навремено да реагиравте воведувајќи рестриктивни мерки, епилогот од пандемијата во најмала рака немаше да резултира со волкава смртност и раширеност на вирусот. А за ваквиот епилог одговорни сте токму вие министре, и редно е да понесете одговорност и да дадете отказ од вашата позиција која е многу одговорна и важна во овие моменти за нашата држава.

Помина веќе една година, а вие се’ уште не ја научивте лекцијата за потребата од масовно тестирање на населението, со акцент на слабо ситуираните граѓани, кои дефинитивно за вас не постојат. Не направивте никаков договор со приватните здравствени компании, со цел да го покриете трошокот за тестирање на граѓаните .Со самото тоа би добиле поголем број на тестирани за полесно следење и лекување и контрола на заболеното население. Изговорот ви е дека немало законска можност! Тоа е неприфатливо господо, зарем треба да ве потсетиме дека вашата партија има мнозинство во Собранието и дека истата таа политичка гарнитура издејствува гласање на промена на Уставот, со цел промена на името на државата!? И сега вие не убедувате дека токму вашата партија, не може да изгласа закон, кој ќе ја поткрепи иницијативата за национализирање на сите здравствени капацитети на државата, со цел заштита на здравјето на населението!?

Зошто не отворивте нови пунктови за тестирање, тоа повлекува нови работни места, продолжено работно време за тестирање, домашни посети за хендикепирани луѓе кои неможат да стигнат до пунктовите за тестирање со една единствена цел да влеете доверба во јавното здраство и граѓаните да се осеќаат по сигурни од здраствените услуги што би им ги понудиле.

Се прашуваме кои се квалитетите на сегашното Јавно Здраство во време на пандемија, каде што имаме најголема смртност на милион жители во Европа? Зошто некои од позитивни Ковид пациенти, после нивната хоспитализација се здобиваат со интрахоспитални инфекци кои уште повеќе ја отежнуваат здраствената состојба на пациентот? Па се прашуваме, можеби од тука произлегува и големата смртност во Македонија. Дали тоа се сведува на недоволен стручен кадар? Или несоодветна или погрешна терапија? Нестручно работење? Несоодветно користење на заштитна опрема т.е. контаминирани ракавици кои се користат од пациент на пациент при што настануваат тешки инфекции па дури и сепса.

После една година се’ уште немате јасен договор со приватните здравствени установи за хоспитализација на Ковид пациенти. Секој граѓанин на Р. Македонија, плаќа здравствено осигурување, но за што? Јавното здравство ги отфрла поради пополнет капацитет, а во приватните цените се огромни, при што го уништивте и психички и матријално македонскиот народ? Зошто? Зошто не им овозможите на граѓаните да можат да се лекуваат и во приватните установи и да го покриете нивниот здраствен трошок како резултат на она што го плаќаат секој месец здравствено осигурување, а за услугата за болничкиот кревет да си ги покријат сами, под услов користење на болнички кревет во приватна установа да не надминува над 100 евра дневно ( која сега моментално е од 500 до 1000 евра на ден ),со цел секој кој е во можност да се лекува и во приватните установи.Со еден збор,да се намалат цените на услугите во Приватните установи.

Зошто Министерот за Здравство се’ уште е „нем“ пред приватните аптеки? Зошто упорно им се дозволува енормно зголемување на цените за лековите против Ковид 19 и тоа за време на пандемија? Зарем се’ уште не сте свесни дека го доведовте народот до дното? Зарем не не убедувавте да ги следиме примерите од другите држави? А дали вие ги следите? Тогаш следете ги и нивните примери дека секаде во светот терапијата против Ковид 19 ја покрива здравственото осигурување, или ако се наплаќа некаде приватно тоа е за некоја симболична цена во однос на нивните плати. А што се однесува за достапноста на лековите и во овој дел сте бедно настроени, за срамота! Терапија нема! А и ако случајно се најде, цените се ужасно високи, ни најмалку блиски барем со соседните земји.

Многу граѓани пристапија до Здраствениот сектор на Левица, со жалење за недобивање на соодветен термин, каде што се чека минимум 2 недели и се праќаат во други градови, а добро сме свесни дека состојбата на ковид позитивен пациент се менува во рок од 24 часа. Со самото тоа немаме доволно јасна слика во каква состојба се наоѓа самиот тој пациент. Дали воопшто можете да ја промените оваа ситуација, или и за тоа на пресови повторно ќе не опсипувате со лаги за да ја прекриете неспособноста.

Срамно, жално и поразително за оваа Влада е да ги остави граѓаните на Р. Македонија на своја рака да бараат спас и помош од соседните земји! Истата таа Влада повеќе од 6 месеци да не може сама да си обезбеди вакцини барем за оние кои се во првите редови и на кои им е најпотребна, се мисли на Здравствените работници. Да, и сега кога некако килаво се дојде до некоја бројка на вакцини почна вакцинација на Доктори на медицина и стоматологија… Но, што е со медицинските и стоматолошките сестри, лаборантите, техничарите!? Или и нив ги заборавивте иако и тие се секојдневно заедно со Докторите во првите редови? Каде е и која е вашата одговорност?

*Левица

Сподели
 
 
 
   more