октомври 24, 2021

Жителите од Ново Маало се “за” градење и побараа разбирање од јавноста: Кај Холидеј Ин ќе добиеме живеалишта достојни за 21 век

Граѓаните од скопско Ново Маало побараа од јавноста разбирање за изградбата на висококатниците кај Холидеј Ин, бидејќи како што велат, на тој начин нивните супстандардни живеалишта ќе бидат заменети со нови како компензација.

„Со децении многу семејства живеат во услови кои не ги задоволуваат стандардите за хумано домување, дотраени куќи, нерешено греење, калдрма и кал до колена, место за одложување на отпад на сите што ќе навратат во центарот на градот… Ние жителите на Ново Маало и луѓето кои си заминаа од своите огништа заради немање нормални услови за живот, чувствуваме потреба да го изразиме нашиот став и да дадеме целосна поддршка на проектот“, пошува во писмото на овие граѓани.

Изгледот на зградите кај хотелот Холидеј Ин за прв пат беше презентиран синоќа. Архитектот Мартин Пановски рече дека во зградата се предвидени 400 станови, во кои би требало да живеат 1.200 до 1.300 луѓе. Граѓаните претходно започнаа петиција со која бараат стопирање на изградбата на висококатниците спроти хотелот Холидеј Ин, а дел од архитектите обвинија дека ќе биде изградено бетонско чудовиште.

„Изразуваме жалење што голем дел од јавноста не го разбира ова бидејќи е лесно е да се зборува од комфорни станови. Со проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј ин ќе се реши проблемот на многу семејства кои, за воља на вистината, сé уште живеат во супстандардни услови како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи. Со компензацијата која ја добиваме и реализација на овој проект кој многу години беше заглавен во институционалните лавиринти, новомаалчани конечно имаат можност да добијат живеалишта достојни за 21 век“, додаваат овие граѓани.

Од таму велат дека медиумите и социјалните мрежи даваат лажна слика за грди бетонски зданија, кои немаат никаква сличност со тоа што се планира. 

„Откако ќе се реализира проектот, овој дел на Скопје ќе има многу повеќе зеленило отколку што на оваа локација имало во последните 50 години. Скопје е главен град и репрезент на нашата држава кој мора да се развива по примерот на светските метрополи.

Веруваме дека јавноста кога ќе го види целиот проект во најголема мера и ќе го одобри, онака како што го одобруваме ние луѓето кои сме емотивно поврзани со Ново Маало, едно од најстарите скопски маала, а кое за жал иако е во срцето на градот претставува грда слика за една метропола“, додаваат жителите на Ново Маало.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •