октомври 21, 2021

Брисел: Небезбедните лични документи може да доведат до укинување на безвизниот режим за Македонија

Европската Комисија не го коментира случајот со фалсификуваните пасоши во Република Македонија, но потсетува дека редовно врши ревизија на критериумите за безвизен режим.

Откако се појавија шпекулации во јавноста дека Република Македонија би можела да го изгуби безвизниот режим со ЕУ поради фалсификуваните пасоши во МВР, од Европската Комисија потсетуваат дека безбедноста на личните документи е клучна.

-Она што можеме да го кажеме е дека прашањето за безбедноста на документите е еден од условите за либерализација на визниот режим, според кој земјите ослободени од визи имаат обврска да ги усвојат и имплементираат соодветните административни мерки, велат од службата за односи со јавност на Европската Комисија.

Оттаму додаваат дека исполнувањето на условите за слободен визен режим се под постојан надзор, а до Парламентот и Советот секоја година се доставува извештај за состојбата со овие критериуми за секоја земја која е ослободена од визи со ЕУ.

-Врз основа на овие извештаи, Европската Комисија дава препораки. Неисполнувањето на условите може да биде основа за активирање на механизмот за суспензија на визите, но суспензијата на изземањето од визи не е автоматски процес. Комисијата мора да ги земе предвид сите можни последици од суспензија на визното изземање за надворешните односи на ЕУ и на нејзините земјите членки како и за ситуацијата со човековите права во земјите кои не се членки на ЕУ, дообјаснуваат од Европската Комисија.

Оттаму до моментот на објавување на оваа вест нема конкретен одговор дали било кои од критериумите за слободен визен режим е загрозен по аферата со фалсификуваните пасоши во Република Македонија, МИА ќе објави дополнителни детали штом ги добие од Европската Комисија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •