ноември 27, 2021

Повторно убиство на млад афроамериканец во Минеаполис, граѓаните на протест против полициското насилство

Синоќа избувнаа протести во една населба во Минеаполис, во американската држава Минесота, по смртта на еден млад Афроамериканец, за кого демонстрантите ја обвинуваат полицијата. Во градот во тек е судење за полицаецот обвинет за смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина во мај минатата година. Смртта на Флојд предизвика повеќемесечни демонстрации и немири низ САД, осудувајќи го расизмот и полициската бруталност. Мајката на Донте Рајт, 20-годишен афроамериканец, убиен вчера, им порача на насобраните на протестот дека нејзиниот син се јавил да ѝ каже дека е однесен од полицијата, пренесуваат медиумите. Набргу потоа, девојката на Рајт се јавила да каже дека е убиен, им рече мајката на Рајт на насобраните.

Бирото за криминалистички работи во Минесота наскоро потврди дека испитува вмешаност на полицаец во пукањето во Минеаполис. Според извештајот на полицијата во Бруклинскиот центар, полицијата запрела еден возач поради сообраќаен прекршок. Потоа сфатиле дека е распишана потерница за него и се обиделе да го уапсат. Тој, сепак, се вратил кон своето возило, а еден полицаец употребил оружје при што лицето починало на самото место, рече изворот. Патничката во возилото е повредена, нејзиниот живот не е загрозен и е пренесена во болница, се наведува во тоа соопштение. После тоа, синоќа, околу 200 луѓе се собраа во Бруклинскиот центар, а полицијата излезе пред нив, опремена да ги растури демонстрациите.

Сподели
 
 
 
   more