октомври 22, 2021

Рашковски прифати, па откажа гостување во „Само Вистина“ и „Само Интервју“

Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, иако првично прифати, го откажа гостувањето во Канал 5 ТВ.

Веднаш по информацијата дека тој заминал на одмор во Мексико, во ек на аферата за набавката на софтверот, Канал 5 стапи во контакт со Рашковски кој изрази подготвеност веднаш по враќањето да се појави на ТВ дуел со претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Потврда за ова добивме на 31 март, но потоа од за нас непознати причини, тој се предомисли. Како алтернатива, а се во интерес на јавноста и одговорите што ги должи, му беше понудено гостување во „Само Интервју“ на 9 април, што првично исто така беше прифатено, и од тие причини најавено на нашата програма. Но, за жал, Рашковски по неколкудневна интензивна комуникација на 6 април, во вторникот, не информираше дека нема да може да гостува поради “објективни причини” и дека „жали но ќе мораме да си бараме друг гостин“. Колку причините на Рашковски се објективни, останува прашање на кое само тој го има одговорот, но факт е дека Канал 5 направи се што беше во нашите можности да се реализира гостувањето, во било која форма – дуел или интервју, што впрочем му беше и понудено.

Оттаму, со индигнација ги отфрламе сите обиди на одредени политички и самонаречени „медиумски“ експоненти, на било каков начин, да го нарушат интегритетот на телевизијата, импутирајќи некаков притисок од владејачката структура. Дополнително, сите алузии за некаква наша поврзаност со било каков политички или економски субјект го сметаме за директен атак врз работата на нашиот вистински балансиран , според позитивните законски прописи – медиум, и директен упад во уредувачката политика.

Канал 5 останува отворен за сите политички и општествени чинители како во своите Вести така и во останатите мега успешни информативни проекти „Само Вистина“, и „Само Интервју“.

Извор: Тв Канал 5

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •