септември 17, 2021

СДСМ бара одговорност за Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта за соработка со криминалци

СДСМ повторно најави истрага за загрозувањето на полициската акција за фалсификуваните пасоши од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а опозицијата возврати дека е скандалозно негови коалициони партнери (од ДУИ и помали партии) да имаат средби со мафијаши.

-ВМРО-ДПМНЕ деновиве се нервозни бидејќи целосно потфрлија во обидот да го скријат фактот дека токму нивниот Христијан Мицкоски направи неуспешен обид  да саботира комплицирана полициска акција „Двојник“ преку јавно откривање на информации во тек на активна истрага.Благодарение на брзината и координираноста на полицијата намерата на Мицкоски да ги спаси криминалците беше осуетена.

Ако Мицкоски, единствениот на браникот на криминалот по сопствено признание, навистина бил загрижен за владеење на законите и државата, како што вели,  сите докази за акцијата „Двојник“ ќе ги доставел до надлежните инситуции, но тој застана на страната на криминалците, јавно објавувајќи информации со цел да ја саботира акцијата на полицијата.Ваквиот негов потег, неговото опасно загрозување на полициска истрага повлекува и истрага за утврдување на одговорност.И тоа Мицкоски го знае, затоа измислува непостоечки случаи, затоа шири измислици, во очаен обид да се испере од овој негов скандал.Граѓаните, јавноста, очекуваат одговори.

Зошто шефот на ВМРО-ДПМНЕ стоел во одбрана на криминалци и има ли некакви должничко доверителски односи кон нив за да морал да саботира сложена полициска операција?На ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски треба конечно да им стане јасно Владата предводена од СДСМ не прави компромиси со криминалот, оној којшто го прекршил законот мора да сноси одговорност, порачуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека аферата „Мафија“ покажува инволвираност на луѓе од власта на Заев и најтесна соработка со криминалци, нарко – босови и мафијаши, без да го коментираат тврдењето на премиерот дека токму во нивно владеење се издавале најголемиот број фалсификувани пасоши.

-Скандалозно е што Заев вели дека е легитимно неговите коалициони партнери да имаат средба со мафијаши.Во која друга земја пратеник од власта е во друштво со мафијашки структури, во која друга земја полицајци се лично обезбедување на мафијаши.Спасовски вади пасоши за мафијаши, полицијата ги чува, а Заев одобрува, ова накратко е шемата по која се делеле пасоши и државата овозможувала логистика за нарко картелите.

Спасовски да одговори, зошто нема потерница за луѓето кои ги користеле пасошите од аферата „Мафија“? Зошто никој не проверува дали има ланец на перење на пари организиран од овие нарко – босови.МВР на Спасовски досега обезбедувал логистика на лица поврзани со италијанската, албанската, црногорско српската и турската мафија.Заев и Спасовски ја претворија државата Колумбија на Балканот, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ иако  самите се прославија со пасошот и  прегрнувањата со Субрата Рој.

Претходно во разговор за  телевизијата „Алфа“ Мицкоски се бранеше дека е обврзан како  претседател на ВМРО-ДПМНЕ ако добие документи кои се од јавен интерес да ги објави.

-Кривично дело ќе биде ако не ги објавам, значи сум соучесник и прикривам. На крајот од денот еве го мојот мобилен телефон, нека го земат нека го вештачат, рече Мицкоски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •