Мицкоски: Добивам смртни закани откако ја објавивме аферата „Мафија“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како гостин во студиото на ТВ Алфа синоќа рече дека добива смртни закани откако неговата партија ја објави аферата „Мафија“ додека истовремено властите ја спроведуваа акцијата „Двојник“ со апсење на референти и контролори кои продавале пасоши со лажен идентитет за подземјето од регионот.
Како минувале деновите, заканите по неговиот живот се интензивирале, додека ВМРО-ДПМНЕ четири дена по ред објавува имиња на регионални криминалци за кои во МВР се изработувале пасоши со лажен идентитет.
„Не знам дали се заканува мафијата или не, но чудни телефонски броеви штракаат разноразни пораки, чудни луѓе приоѓаат, чудни мејлови, чудни писма изминативе денови. Телефонски броеви да речеме од соседството, од Русија итн. Јас ќе продолжам и понатаму и ова само ме охрабрува дека сме на прав пат, нема да застанеме“, наведе Мицкоски.
Тој додаде дека во јули по парламентарните избори останал без државното обезбедување откако бил информиран од Агенцијата за национална безбедност за проценката дека не постоела опасност.