ноември 29, 2021

Министрите за здравство од ЕУ не се договорија за заеднички пристап кон употребата на вакцината Астра Зенека

Министрите за здравство на членките на ЕУ вчера не успеаја да се договорат за заедничките упатства за употреба на вакцината Астра Зенека против Ковид-19, и покрај повиците за координација меѓу земјите-членки во борбата за отстранување на јавната недоверба кон вакцината.

Министрите одржаа вонредна виртуелна средба непосредно откако Европската агенција за лекови (ЕМА) ги смени своите упатства за Астра Зенека, бидејќи откри можни врски со многу ретки случаи на невообичаени згрутчувања на крвта. Сепак ЕМА истакна дека придобивките од вакцината сè уште ги надминуваат ризиците.

Пред средбата, Португалија, која претседава со Советот на ЕУ, испратила писмо во кое се повикуваат министрите да најдат „заеднички јазик“ во врска со употребата на вакцината, пренесуваат британски медиуми. Сепак до таков договор не дојде и земјите-членки ги задржаа различните препораки за вакцината. Се очекува разговорите на оваа тема да продолжат.

-Очекуваме дека податоците од ЕМА ќе имаат директно влијание не само на националните планови за вакцинација, туку и на довербата на нашите граѓани во вакцините против Ковид-19, предупреди Португалија во писмото до министрите, испратено во вторникот. Усогласувањето на ниво на ЕУ ќе биде клучно за запирање на ширењето дезинформации, предупреди Португалија.

Еврокомесарката за здравство Стела Кирикидес на виртуелната средба побара координиран европски пристап, кој нема да ги збунува граѓаните и кој нема да поттикнува недоверба во вакцините.

Земјите од ЕУ препорачаа различни граници за возраста за вакцинирање со Астра Зенека, иако ЕМА не препорача такво нешто бидејќи нема податоци кои тоа би го оправдале.

Германија ја ограничи употребата на Астра Зенека на лица постари од 60 години и групи со висок приоритет, а државната комисија за вакцини им препорача на луѓето на возраст под 60 години кои ја примиле првата доза на Астра Зенека да добијат втора доза на друга вакцина . Франција и Белгија рекоа дека вакцината треба да се дава само на лица над 55 години. Во Финска се дава само на лица над 65 години. Италија вчера препорача само оние над 60 години да се вакцинираат со Астра Зенека. Другите земји на ЕУ во моментов немаат ограничувања за вакцината.

Сподели
 
 
 
   more